Син ми е инвалид поради лекарска грешка: Емотивна приказна на зумба и пилатес инструкторката Даниела Комненовска
Зумба и пилатес инструкторката Даниела Комненовска е пример за храбра и упорна жена. Веќе дваесет години, таа и нејзиниот сопруг, музичарот Владимир Комненовски се обидуваат да му го олеснат животот на синот Филип кој боледува од инфантилна церебрална парализа. Во искрената приказна која ја сподели за Женски магазин, Даниела откри дека нивниот син е болен поради лекарска грешка и неодговорност.
Филип е едно специјално и стабилно момче и многу сум горда на него.- Даниела со синот
„ Дијагнозата на нашиот син е Инфантилна церебрална парализа. Таа настана во тоа време поради нестручноста и неодговорноста на тимот при Гинекологија во Државна болница. При мојата бременост, плодот си беше редовно контролиран и не беа забележани никакви посредни или непосредни аномалии. Инвалидитетот на мојот син се должи на претходно споменатите „стручни“ лица, кои место да ми обрнат мене внимание, си пиеjа кафе. Дијагнозата, за жал ја дознавме три години од споменатата ситуација“, е дел од приказната на Даниела, која е мајка и на десетгодишната Вања. Најтешко за неа и за нејзиниот сопруг во тој период, на крајот на деведесетите била што веднаш не била откриена дијагнозата на синот.
„ Нас првично не известија: „ Ај со среќа, имате син, но не знаеме каква му е состојбата.“ Можете да разберете како ми беше мене како мајка да го прифатам и да го преживеам сето тоа. Филип лежеше на интензивна нега 40 дена, јас можев само преку стакло да го гледам и да му зборувам без да го допрам. Кога прв пат ми го донесоа да го дојам, тој контакт со него целиот свој живот ќе го памтам. Мора да ме разберете колку ми е тешко додека го зборувам ова, но ова искуство по 20 години ме научи да бидам посилна, похрабра, и поупорна со цел да му помогнам на синот“, ни раскажа Даниела. Во најтешките мигови и борбата со болеста, таа успева да си го најде својот издувен вентил. И покрај обврските со двете деца, работата е она што ѝ дава дополнителна сила и мотив. Даниела е зумба и пилатес инструкторка во нејзиното „LifeStyle Stydio“ и вели дека работата со нејзините клиентки е нешто кое што најмногу ја опушта и ја одмара. Да стане она што е денес, ѝ помогнал токму нејзиниот син.
„ Пилатесот како фитнес во помали рамки го запознав вежбајќи со мојот син Филип. А искуството започна уште пред триесетина години кога го запознав фолклорот. Тоа познавање на ритамот ми помогна за да ја разберам и воедно да ја сфатам и да ја пренесам зумбата подоцна. Моето студио се наоѓа во населбата Бутел 1 каде што живееме, поради тоа што треба да сум поблиску до дома и помалку отсутна за да ги задоволам потребите на Филип“, искрена е Даниела.
За својот син, таа вели дека израснал во едно прекрасно и стабилно момче и е многу горда на него. Финансиската помош која ја добива е многу мала, но е благодарна за стручната помош која ја има.
Нашата ќеркичка, десетгодишната Вања (фала му на бога) е разбрана и свесна за проблемите со кои се соочуваме.- Филип со сестрата
“ За помошта од институциите, само да ви напоменам дека примаме додаток од 4300 денари. Филип е дете со тежок инвалидитет. Не седи, не стои, не работи со раце и целосно е од мене е зависен со пелени и хранење, ниту пак може да ми каже за своите физиолошки потреби. Тој го посетува Центарот за церебрална парализа и тоа во секој случај многу му помага за социјализација, колку-толку. И затоа сме му многу благодарни на целиот тим“, ни раскажа мајката. За неа, покрај децата и сопругот, зумбата, пилатесот и нејзиното студио “LifeStyle“ се нејзиниот живот и издувен вентил како што вели.
„ Сета моја енергија што ја пренесувам на моите вежбачки секогаш е позитивна без разлика на моите проблеми, така мора да биде. Се трудам таа енергија да се чувствува кај сите што вежбаат кај мене, и мило ми е кога ќе слушнам дека ми завидуваат на мојата позитивноста после сѐ“, откри Комненовска.
Сопругот на Даниела, Владимир е академски музичар и дел од групата „Скопски боеми“
Токму поради болеста на синот, вели дека со сопругот им било тешко да се одлучат за второ дете. „Искрено, ми беше страв од сето тоа што го преживеав. Но сфативме дека не сме ние вечни, и некој ќе треба да се грижи за Филип. Нашата ќеркичка, десетгодишната Вања (фала му на бога) е разбрана и свесна за проблемите со кои се соочуваме. Таа ни е голема поткрепа. Можам да се пофалам дека по сите наши проблеми, таа е одличен ученик и послушно и разбрано девојче“, открива мајката за крај.
Надежта и вербата во подобро никогаш не ги напуштила семејството Комненовски, и тоа е она што им помага да одат напред и полесно да се соочат со предизвиците што им ги носи секој нов ден.
Милица Џаровска