СКОПЈЕ НЕ Е ПО НИВЕН ВКУС: Имаат успешни кариери, а живеат во внатрешноста

Добивај вести на Viber

Музиката нема граници. На луѓето или им се допаѓаш или не, без разлика дали си на периферијата од некој помал град или во срцето на метрополата, едногласни се музичарите кои имаат видлив успех и без менување на местоположбата

Скопје е центарот на естрадните случувања, но многу докажани имиња од домашната музичка сцена никогаш комплетно не се преселија во главниот град. Животот во внатрешноста значи помирно секојдневие, но и дополнителни предизвици кога треба да се презентира песна, спот или албум. Секој нов проект подразбира чести патувања навреме да се стигне на интервју, закажано снимање или за некој друг промотивен ангажман. Во денешно време постојат различни начини на комуникација и презентација, но физичката присутност останува важна.

Идеално за семеен живот

Талентираните автори, сестрата и братот Магдалена и Лазар Цветковски се еден од најангажираните тандеми и барем една нивна тема досега имаат отпеано речиси сите звучни имиња на естрадата. И покрај обемот на работа, тие останаа да живеат во родниот крај.

- Никогаш не се преселивме во Скопје, иако ни е на 20 минути со автомобил и многу често доаѓаме. Во Тетово не е толку динамично и имаме повеќе време и приватност за креативно да му се посветиме на тоа што го правиме. Работиме од срце и се радуваме на секој успех, а најмалку е важно која е нашата моментална адреса – изјавија во една прилика Цветковски.

Атрактивната пејачка Елена Велевска нагласува дека еден уметник не треба да е во Скопје за да има успешна кариера. Познатата фолкерка по потекло од Прилеп откако се омажи со семејството живее во Охрид и вели дека градот под Самоиловите кули не би го менувала за ништо на светот.

- Човек може одлично да функционира од било каде. За мене Охрид е најубавиот македонски град, се ми е на дофат - објасни Велевска.

Повеќе време за приватност

Семејниот бизнис беше причина родното Кавадарци никогаш да не го напушти пејачката Наташа Малинкова која се прослави со групата „Багаж“. Наскоро ќе промовира и албум, но воопшто не ѝ пречи што кариерата ја гради од внатрешноста. 

- Си го сакам родниот крај, тоа е едно преубаво место за живеење. Народот е гостопримлив и топол, лесно функционирам тука, а сум на само сто километри од главниот град. Не ми е воопшто проблем  и хендикеп што не сум во Скопје затоа што и вака одлично можам да функционирам. Покрај семејството, во Кавадарци ме врзува и работата. Имаме салон за мебел кој успешно опстојува. Секојдневно сум ангажирана, а за викендите настапувам - ни изјави таа неодамна.

Видлив успех во работата без менување на местоположбата има и брачната двојка од Струмица, Ленче и Горан Кукиќ.

- Музиката нема граници. На луѓето или им се допаѓаш или не, без разлика дали си на периферијата од некој помал град или во срцето на метрополата - едногласни се тие.

Ѓ.С.