Со пливање го излекував туморот на мозок: Филип Петровски освои два медали во Софија

Добивај вести на Viber

Тие се меѓу нас, наши соседи, пријатели, роднини. Исти сме. Сепак тие се своевидни херои на денешницата. Во годината што измина многумина ги пробудија нашите емоции, ни предизвикаа радост, тага, солзи. Со нивните дела не инспирираа до срж. За Фактор, Женски магазин и Хаштаг тие се херои на годината. 

И покрај тоа што во јуни беше опериран од тумор на мозкот, 15 годишниот Филип Петровски од Скопје од регионален пливачки натпревар во Софија се врати со два брнозени медали. Неговата мајка, Слободанка Петровска вели дека тој е ментално здраво дете, а со неговиот физички хендикеп се соочиле кога имал пет години.

“ Филип е асматичар од две години. Астмата и аномалијата на вратот му беа единствениот здравствен проблем до петтата година. За точната дијагноза, туморот на мозок и парезата на десната страна на телото која го пореметува центарот за рамнотежа , дознавме во 2008 година, кога имаше пет години. Првата операција, Филип ја имаше во 2012 година, а втората пред шест месеци во болницата „Аџибадем Систина“. Операцијата, фала му на Господ помина успешно. Многу сме му благодарни на нашиот доктор Кирил Лозанче. Понминавме многу лекари, побаравме многу мислења, резултати испраќавме на секаде низ Европа, и на крајот спасот го најдовме дома“, ни раскажа мајката на Филип. 

Таа е горда што нејзиниот син, сите овие години колку што се бори со болеста, не престанал да сонува. Филип од секогаш сакал да игра ракомет и верува дека еден еден ќе биде успешен и во тој спорт.

Тренерот му е голема поддршка

„ Кога дознав дека имам тумор на мозокот прво бев шокиран и ми требаше време да го прифатам тоа, но моите родители и докторот ми објаснија дека можам да ја победам болеста. Ги следев нивните упатства, и цврсто решив дека јас можам и успеав да ја победам . Потоа следуваше напорна рехабилитација, но бидејќи пливањето е моја голема љубов, нестрпливо чекав да започнам со тренинзите. По два месеца бев спремен за натпреварот. Мојата неостварена желба е да играм ракомет“, ни го раскажа својот пат Филип.

Желбата за пливачки тренинзи, тој ја добил пред три години. Првично, неговите родители сакале да го запишат на редовни тренизи, но го послушале советот на докторите, Филип да вежба со помош на Специјалната олимпијада. Сега, на пливање оди со здружението на лица со Даунов синдром „Трисомиа 21“.

Најтежок период ни беше основното училиште, Филип беше многу малтретиран.-со мајката Слободанка  

„ Одам на пливање три пати во неделата. На натперавот во Бугарија, пливав 50 метри грбно и 50 метри крал. Сум добивал и други награди, но моја следна цел е да одам на поголеми натпревари“, ни раскажа Филип. Голема поддршка, тој добива од своите  родители, брат му и од другарите. На тренизи редовно го носи неговиот татко. Ученик е во гимназијата „Никола Карев“, а неговата мајка вели дека е одлично прифатен од соучениците и од професорите.

„Додека Филип беше во основно училиште, беше многу малтретиран, имавме големи проблеми, децата не го прифаќаа. Тоа беше еден исклучително тежок период за нас. Но, многу сме горди што тој сега сам оди на училиште, а во другарите и во професорите има нови навивачи за спортските успеси. Филип е инаку едно упорно и храбро дете, многу  културен и воспитан. Му ја всадивме мислата, која прерасна во негова голема желба, дека може биде успешен како и другите, и тој тоа го постигна“, додава мајката на младиот пливач.

Таа е пресреќна што резултатите од првата контрола по операцијата се добри, туморот е целосно отстранет. Благодарна на болницата која покрила дел од трошоците за операцијата покрај донациите кои претходно ги добиле.

„Жал ми е што ќе морам вака да се изразам, но Фондот не успеа да ги покрие тие „бедни“ 7,000 евра за ова интервенција. Велам бедни затоа што се работеше за комплициран зафат. Во последните шест месеци пред операцијата борбата беше најтешка. Туморот му пречеше најмногу на центарот за рамнотежа и говорот“, открива Слободанка. 

За крај, мајката вели дека Филип немаше да ги постигне овие успеси без поддршката од тренерите од ВИП базенот „Борис Трајковски“ , Радован и Мартин. Тие освен што му се тренери му станале и добри пријатели. „Најблагородно од нив е што освен пливањето, му помагаат на Филип и за активностите вон пливањето, тренинзите и вежбите кои му ја одржуваат кондицијата и му ја зајакнуваат волјата. 

Милица Џаровска