Со првиот онлајн Атлас влегувате во чудесниот свет на заштитените подрачја: Интервју со Дарко Лешоски од организација „Коцка“

Добивај вести на Viber

Интервју со Дарко Лешоски од организацијата „Коцка“,  еден од грантистите во рамки на Проектот за подобрување на управувањето со заштитените подрачја, финансиран од Европската унија

* Во рамките на проектот за „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“, кој е финансиран од ЕУ а се спроведува од страна на УНДП и Министерството за животна средина и просторно планирање, вашата организација КОЦКА, имаше многу интересен и целосно различен проект од сите останати. Направивте сајт, кој треба да претставува Атлас на заштитени подрачја во земјата. Кое е значењето на nature.mk, какви информации и содржини може да се најдат на оваа адреса? 

- Овој успешен проект е од национално значење, бидејќи континуирано работеше да создаде база на информации за секое заштитено подрачје, мапи на заштитени подрачја, промотивни видеа, 360 ° фотографии итн. Овие материјали понатака создаваат национални вредности за поимите  „природа“ и „заштитени подрачја“ и градењето на нашиот однос кон нив. Заедно со ЕУ, УНДП и Министерството за животна средина создадовме производи кои ќе се користат за подигнување на свеста на национално ниво за важноста на заштитените подрачја, но исто така ќе се користат како придобивки и за локален економски развој, претприемништво и создавање на зелени бизниси, туристички информации и едукација.

Сите заштитени подрачја веќе имаат корист од добивање на визуелен промотивен идентитет и се дел од заедничката комуникациска стратегија за сите заштитени подрачја.

* Со оглед дека за подготовка на текстови, фотографии и видеа за заштитените подрачја моравте да ги посетите сите локации, кажете ни каков е вашиот впечаток за состојбата со заштитените подрачја, информираноста на локалното население и посетителите за вредностите на заштитените подрачја?

- За време на овој проект посетивме навистина многу подрачја и локации, впечатоците се разбира се различни кај секој член од проектниот тим, но генерално заеднички именител кај сите ни е посебниот интерес и грижата на локалното население кое живее во и околу едно заштитено подрачје. Особено топол спомен и впечаток остава топлината и гостопримството кое зрачи од жителите, нивниот ентузијазам за подобрување на состојбата, се разбира, тие се, би рекол главни куратори на вредностите на заштитеното подрачје и негови клучни чувари. Свесни се за нивното богатство, но и самокритични дека треба уште повеќе промоција и подобра заштита. Секаде е истиот заклучок. 

* Сајтот nature.mk освен што дава информации за природните вредности на заштитените подрачја, ги презентира и можностите за одржлив туризам во заштитените подрачја. Според вас, дали заштитените подрачја се загрозени од потенцијалите за масовен туризам и како да се промовира одржливиот туризам кој може да обезбеди финансии за управувачите на заштитените подрачја?

- Сведоци сме на последните случувања во Охрид и отпадоците расфрлани насекаде. Сепак, не постои проект или проектен донатор или пак тим кој може во целост да заштити едно, и онака заштитено подрачје.  Придобивките кои ги има локалното население и управувачите на одредени заштитени подрачја би биле времени ако негрижата преовладува, а понатака цената ќе биде прескапа за сите. Во последниве месеци забележан е значителен сообраќај на нашата платформа, поради неможноста граѓаните да патуваат надвор од земјата, а со тоа и зголемен е интересот за нашите заштитени подрачја. На оваа платформа можат да се најдат детални и специфични информации за многу заштитени подрачја, а со тоа посетителите можат претходно да се запознаат со специфичните „куќни редови“ на одредени природни хабитати, нивните одлики и карактеристики. Неодговорно е да отидете во заштитено подрачје – орнитолошки резерват со инвазивни аудио уреди или беспилотни летала, врв на домољубие и патриотизам е кога уредно ќе си купите карта за посета на национален парк и зад себе нема ништо да оставите освен вашите траги од стапки, со себе нема ништо да понесете, освен по  некоја фотографија во вашите мобилни телефони и убав спомен.

* Може ли да ни кажете некои примери со кои заштитените подрачја опстојуваат или создаваат приход од одржливи форми на туризам?

- Накратко, за среќа или за жал во оваа ситуација на пандемија и затворени граници  подобрени директни или индиректни  бенефити имаат сите заштитени подрачја во земјата. Некои од нив се разбира, подобро котираат, како НП Галичица, НП Пелистер, НП Маврово, но тука се и заштитените подрачја во нивната околина како Вевчанските извори, заштитените подрачја во околината на Берово, Струмица, кратовска Куклица итн. Навистина ги има многу. 

* Каква е значајноста на сајтот nature.mk во однос на едукацијата, достапноста на информации, како и придонесот за домашна и меѓународна промоција?

- Платформата www. nature.mk e еден вид биометриска еколошка лична карта на нашата земја. Таму можете да најдете основни, дајџест информации за заштитените подрачја, но и цели студии за нивната флора и фауна, нивните геолошки карактеристики, нивните води итн. 

Повеќето информации се достапни и на англиски и албански јазик, така што таа претставува и одлично помагало за многу наставници, ученици и студенти, особено во ова време на далечинско учење и практикување на настава. Од непроценливо значење се мултимедијалните елементи за учениците – како да сте таму! 

* Кои се плановите за во иднина и како планирате Атласот на заштитени подрачја да се одржува и проширува со информации за заштитените подрачја?

- Платформата во иднина е замислена како ултимативен веб простор за заштитените подрачја на нашата земја – односно  секојдневно се надоградува со многу материјали и содржини во соработка со сите релевантни чинители на ова поле. Би сакал да истакнам дека интензивно работиме на нејзината само одржливост, па во оваа прилика би сакал да ги поканам сите производители на карактеристични органски производи или сувенири од сите заштитени подрачја да ја искористат оваа платформа како нивен бесплатен маркетиншки медиум и слободно да не контактираат преку платформата. 

За таа цел, се комплетира ВЕБ ШОП понудата на оваа платформа. Ние како проектен тим, сме особено горди на можноста која ЕУ и УНДП ни ја доверија да помогнеме во подобро и самоодржливо управување на секое едно заштитено подрачје, во благосостојбата на неговите жители кои ќе имаат бенефит во хармонија со природата.