Ана Бунтеска: Совршено избалансирана љубов

Добивај вести на Viber

Ти пакувам љубов во мали дози

совршено избалансирана...

втиснат накарминисан бакнеж на шамивче

пикнато во предниот џеб од кошулата...

хартивче со црвено “те љубам”

во задниот џеб од панталоните...

капка парфем на прстов

а со него изврвена ивицата на горната усна...

трага од образов на задната страна

од реверот на мантилот...

воздишка во коса

дур стисната ме држиш...

мал загриз на левото рамо

меѓу твоето “ах” и моето “ох”

невидлива трага од нокот

на долниот дел од грбот...

мирис од мојата страст на бутот

и сенка од преплетени нозе...

задржан здив и краток извик

кој вибрира меѓу две ноти...

неколку секунди смрт

и повторно воскреснување...

замрзната фотографија од две тела

испреплетени во нашите умови...

сенки од сомнежи

дур ми ги боиш сништата во зелено...

ехо од твоето срце

што баботи во моиве гради...

искривени букви, размачкани зборови

напишани на ѕидот позади креветот...

капка солза на твојата дланка

дур лицето како на дете ми го бришеш...

спакуван куфер со сето твое постоење

кој мирно спие во фоајето, чекајќи те...

а јас пак, како да ќе ми се вратиш

како храна за по пат да ти спремам...

ти пакувам љубов во доза

доволна да те убие...од ситост или глад


За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски