Староста не е пречка за дружба - 80 годишни луѓе во гостиварско прославија 62 години од матура

Томе Брезовски (80) пристигна со автомобил во домот на својата партнерка од матура, Добрила Павлевска (80) и заедно се упатија на прослава во ресторан под падините на Шара, во село Зубовце. Таму ги чекаа нивните соученици од третата генерација на гостиварското економско училиште „ Чеде Филиповски –Даме“ . Годинава славеа 62 години од матура.

Куриозитет во нивниот случај е што секоја година во почетокот на јуни, се собираат на различни локации да ја обележат годишнината од матурата. Брезовски вели дека тие дружби им се еден од најубавите спомени во животот.

-Бевме три класа со над 30 ученици.  Поради короната не можевме да прославиме 60 години од матура. Но, мерките се олабавија и годинава ја продолживме традицијата. Повторно се собравме да прославиме 62 години од матура. Бидејќи во класовите имаше ученици од Гостивар и од Тетово, а по завршувањето некои се преселија во Скопје, секоја година прославата се одржува во еден од тие градови. Годинава изборот беше ресторан во тетовското село Беловиште. Иако од генерацијата живи се повеќе од 30 луѓе, за прослава се пријавија само 15. Но, поради здраствени причини дел од нив откажаа и бевме присутни само девет- посочува Брезовски.

На сите прослави имало и музика. Танцувале и се забавувале до раните утрински часови. Но, овојпат предност и дале само на дружбата со разговори и евоцирање на спомени.

-Немавме музика. Сакавме само да се видиме и да разговараме. Пристигнавме со три автомобили кои ги возеа школските другари. Возам се уште. Неодамна ми ја продолжија возачката дозвола уште пет години. Но, за оваа пригода партнерката ја земав со автомобил кој го воозеше нашиот школски другар Владо Трифуноски.  Секоја средба има посебна убавина. Кога би можел да одвојам посебна, тоа е прославата на јубилејната 50 годишнина од матура во гостиварското село  Вруток. Се надевам дека традицијата на прослава на матура ќе продолжи и наредниве години – открива Брезовски.

С.А.Н