ТЕ САКАМ ДО НЕБОТО И НИКАКО НАЗАД (ОТИ ЉУБОВТА КРАЈ НЕМА)

Добивај вести на Viber

Те сакам до небото

Ете, дотаму љубовта ми кинисала

Со сите салтанати обвиена

Асепак толку едноставна и скромна

Како да е сосем обична и секојдневна

Ако воопшто сакањето може да е такво

Мислата за тебе како иљач ми е

Допира до облаци и угоре заминува

Од шеќерна волна сторена

Небаре за детска радост спремана

Еве ја за тебе тазе стокмена

Блажината со врвот на јазикот да и’ ја сетиш

Оти и премногу арно, на арно не излегува

Та со мудрост и ќеиф полека гоштевај се

Отсега та до крајот на веков твоја да е

Имај ја до себе како аманет остаена

Нека те чува во време-невреме

И тогаш кога надежта ќе ја изгубиме

Како се љубеше до небото

А љубовта само угоре да лета

Како птица или балон од рака пуштен

Од кој ѕуница засветува

Небаре некој бои врз светов сив истурил

Арен и убав да го стори

За во него само почетоци да има

А секој почеток да е приказна без крај

До небо и само угоре како љубовта моја кон тебе

Оти вистинските љубови вечни се

Та и сто маки да видат, живи се

И дишат во тебе и во оној кој до тебе е

Љубовта смрт не признава

Убиј ја, таа повторно ќе воскресне

Болести не ја навјасуваат

Оти од сите отрови-лек прави

Вратите од рајот земски ги отвора ширум

Тишината во песна милозвучна ја престорува

А песната, душата од долг сон ја буди

Како никојпат заспана и да не била

Радост во срцето полускршено носи

А тагата од човека ја иселува без да дозволи да се врати

Јас пак само една молитва имам и која во себе ја шепкам

Нека е тука, нека ја има, нека не си заминува

Ете, само толку ми е желбата и чинам таман е

Мала е, а сепак најголема станува оти сите во себе ја носиме

А во секој од нас меракот стои за некој да му каже...

ТЕ САКАМ ДО НЕБОТО И НИКАКО НАЗАД (ОТИ ЉУБОВТА КРАЈ НЕМА)

За Женски магазин поетесата Ана Бунтеска