Ти си мојот тато, иако многу ретко те викав така: Игор со анегдота се сеќава на маестро Џамбазов
Водителот, актер и шоумен Игор Џамбазов емотивен и по две години од смртта на неговиот татко, маестро Александар Џамбазов.
Игор секоја објава на социјалните мрежи која му ја посветува на неговиот татко, емотивно се простува од него со интересна анегдота или случка од животот која му останала во длабоката меморија.
На денешен ден пред две години на 85 годишна возраст почина диригентот и композитор Александар Џамбазов.
„Две години без тебе стари. Ко два дена. Ама и како две столетија истовремено. Ти си мојот тато. Иако многу ретко те викав така. Уште од моите први улоги и снимања се договоривме дека ќе се викаме "колега". Се сеќаваш? Ти и јас во нашиот тегет Фиат 1300, чекаме на црвено на семафорите кај "Рубин кармин". На пешачкиот премин поминува една исклучително згодна жена. Ти ја измерка од глава до пети, ме погледна и ми рече: "А? Како теткава? Згодна е?"
Веројатно сакаше да ја провериш мојата машкост, иако имав само седум-осум години. Јас, како од пушка одговорив: "Да". Ти ми се насмеа и се издиша истовремено. Ја изгледавме теткицата се додека не се изгуби во толпата. Кога конечно тргнавме ми кажа: "Ова на мајка ти нема да и го кажеш, така?" А јас ти одговорив: "Е нема де, нели сме колеги". И така станавме колеги. До крај. И засекогаш ќе останеш мојот омилен колега. Колега за сите времиња“, напиша Игор.
Фото: Инстаграм