Тоа што носите скапо не значи дека не изгледате евтино: Не мора да бидеш гола, за да бидеш посакувана

Драги мои девојчиња, девојки, жени 

Ве гледам додека се разминуваме по улиците, маркети, автобуси, и морам искрено да ви кажам: сите сте исти. Фабрички испечатени, без трошка оригиналност. Со тон шминка, и без малку стил. Што правите од себе? Разбирам дека се следи модата, секогаш ја имаше и ќе ја има, бидејќи е мода и треба да се следи, зарем не? Но ... премногу робувате со некои нови трендови, заобиколени сте со марки и брендови, поважна ви е етикетата од она што би требало да го имате во себе. Сте ја залепиле на чело, уште само да тргнете на некој пазар за да се продадете што подобро ... Всушност, веќе сте ко на пазар, дали некој ви го рекол тоа? Ако не е, еве јас ќе ви речам. И да се разбереме, не ви се мешам во вашето облекување и шминкање, немам право на тоа, само ви кажувам дека сум како неутрален набљудувач од страна како тоа изгледа. Не сте природни, ни малку не изгледате така. Како некои кукли од излог сте, само што некои повеќе влечат кон невкусно отколку на убаво.   

Пред некој ден стојам во ред на каса и девојката пред мене зборува на телефон. Го завршува разговорот и го трга од лице, кога видам нешто не е во ред со екранот - сјаје чудно, зунета сум. Гледам што е, како така го зезнала, а кога сфатам, половина фасада останала на него. Повеќе шминка на мобилниот отколку што мене би ми требало за недела дена. Претерувате, но сериозно ви кажувам. Не само што рано почнувате со кило шминка на едно шминкање, па иако сте девојчиња изгледате како жени, а девојките како некои женетини, на страна тоа, туку не е здраво. Кожата не ви дише, се гуши. Зарем не ја слушате како вреска и бара помош, како ве моли за малку милост? Ќе ви остари пред време, лицето ќе би биде како нива после орање, толку брчки ќе имате. Мислите дека мажите сакаат кога ве бакнат, а на усни им остане тон пудра, хајлајтер и незнам ни јас што? Се згрозуваат, верувајте ми на зборот.

После се прашувате што ве сакаат само за една ноќ, таков впечаток оставате. Тоа ви го пишува на лице, семафорот праќа сигнали дека сте лесна роба, иако тоа можеби и не сте. За жал, тоа така изгледа кога некој гледа од страна. Природно е убаво со многу малку шминка. Неколку трикови и ќе бидете супер, само ако сакате. И кога користите парферми гледајте да не бидат како евтини коппи на бугарска ружа (мирис на некој вид колонска вода), и не бањајте се во него ко Бог ве молам. Ако мислите дека така ќе заведете некој, па што да ви кажам ... можеби, ако падне во несвест поминувајќи покрај вас. Умереноста е уметност, јас ви кажувам. 

И уште нешто: тоа што носите скапо не значи дека не изгледате евтино. Бирајте работи кои ви стојат и кои умеете да ги носите, а не оние кои се во тренд. Модерото не е и нужно убаво, запамтете. Не мора да бидеш гола, за да биде посакувана-сексапилот е однесување а не гардероба. Бидете свои и негувајте оригиналност, овци од стадото и онака има многу. Не бидете како сите, бидете тоа што и сте - бидете вие.