ТРЕБА ДА СКОКНЕШ ЗА ДА УСПЕЕШ- ИНТЕРВЈУ СО ЗОРИЦА ПОПОВСКА, ТРЕНЕР ЗА ЛИЧЕН РАЗВОЈ

Добивај вести на Viber

Секој си го знае патувањето на кое е. Кај си слаб, кај си силен, што можеш да зајакнеш, кој е твојот следен чекор? Генерално областа која ја јакнеме е справување со старите стравови. Ова не држи заробени во мали просечни животи, живот на стагнација на секое поле и пауза во прогресот, кој води кон уште поголеми стравови. Ова е особено изразено кај жените

Зорица Поповска e oсновач на Сенсум Тренинг и Коучинг. Последните години работи како тренер и коуч со компании и поединци. Примарен фокус на нејзината работа е развој на личното лидерство, поддршка на личниот и професионален развој преку откривање и реализирање на скриениот потенцијал на поединците и тимовите. Интересни приказни и искуства од својата работа,  таа сподели во интервјуто за Женски магазин. 

Секој за себе одлучува до каде сака да оди. Коучот на тој пат служи како вредна поддршка и место за одговорност, ставајќи светло на оние места кои за клиентот претходно биле во мрак

* Кога решивте дека ќе станете тренер за личен развој,  и што точно значи оваа професија?

- Да се стане коуч, индивидуален и професионален не е одлука на умот преку ноќ, не e едноставно стекнување потребни акредитации и титула и одеднаш сте таму. Тоа доаѓа потоа, како резултат. Познавам мудри луѓе кои се спонтани ментори и природни коучеви, а целосно несвесни за тоа. Тоа е дел од внатрешна потрага, внатрешен повик кој откако ќе го освестите едноставно тргнувате кон тоа. Тоа ми се случи мене. Иако, на почеток не можев јасно да го видам и да го ставам во конкретна рамка. Но, чувствував голем немир и чувство на неисполнетост таму каде што се наоѓав. Во тој период, физички - на ниво на околина, ги имав сите привилегии што млада личност може да ги посака – статус преку работната позиција што ја завземав, одлична финансиска компензација, но сепак во мене постоеше притаена емоција на неисполнетост. Тоа потекнуваше од тоа што не ги живеев во целост моите вредности. А целта на секој човек е да биде среќен. Тогаш веќе знаев и доволно за коучинг процесот, па спонтано го применував и на себе, преку метода на внатрешен монолог и поставување прашања и на тој начин доаѓав до изненадувачки подобри одговори. Од таму и моето прво прашање: Што мене ми е навистина важно? Што ме прави среќна? Што навистина сакам и во што сум подготвена безусловно да се вложам себе си и медитативно да се изгубам во процесот на работа и креирање? Во што би можела да најдам длабока среќа и задоволство?  И така полека фантазијата ја движев кон потешкиот дел - работата на тоа . Од што можам да почнам и што ќе направам по тоа прашање? 

И како ништо не е случајно, пред повеќе од 7 години кога прв пат слушнав за терминот НЛП (Невро Лингвистичко Програмирање), истото стана суштина на мојата работа и живот. Во тој период не можев да го предвидам начинот на кој мојот живот во иднина ќе се одвива. Среќна сум што денес го работам тоа што го сакам и што имав можност да учам директно од вистински модели на одличност, како Јоке Ленд, Сју Најт, Ричард Бандлер, Пол Меккена, Пеџа Јованович, Мерилин Аткинсон, и не толку познати, одлични личности кои го живеат животот водени од својата страст и пасија. Денес работам коучинг и тренинзи со индивидуалци, бизниси, лидери, и уште поважно, учам од сите нив.

Суштината е сепак подлабока. Кога сте во потрага по одговори, по знаење, кога сме водени од подлабока смисла и намера, се појавуваат и вистинските одговори, учители, знаење, можности, како последица на тоа. Клучно е да го следиме повикот во нас, и да не дозволиме стравот да не спречи во превзмеање на било каква акција. 

* Со какви клиенти најчесто работите? 

- Секако, тоа се развојно фокусирани индивидуалци и бизниси, кај кои постои развиена свесност за потребата од постојан раст и развој како клучен елемент за обезбедување на долгорочна одржливост во постојано променливата надворешна средина. Луѓето во бизнисот, лидерите не се чувствуваат комотно за да се препуштат во моменталните улоги и позиции, туку се фокусираат на тоа како да постигнат поголема лична ефективност. Тоа е како да сме ги истражиле сите надворешни можности за обезбедување на компетитивна предност, која секако станува се понеизвесна и луѓето се свртуваат кон себе по свежи одговори. На тој пат коучингот како процес носи огромни бенефити.

*  За што најмногу ви се обраќаат клиентите, кои се нивните најчести потреби?

- Потребите се различни и во зависност дали станува збор за индивидуален или корпоративен развој. Најчесто се обраќаат за зголемување на продуктивноста (лична и организациска), јакнење на личните влијателни вештини, развој на лидерство, продажба и секако коучингот како пристап и начин да се допре до неоткриениот потенцијал. Не сме свесни за она што не сме свесни, па во таа смисла коучингот е како огледало на внатрешниот развој на личноста. Тоа е систем од поставување на прашања, асистирање на личноста, како огледало, да се види каде одат, кои се нивните интенции, смисла и да се биде љубопитен околу следниот чекор. Може да биде во доменот на нивниот развој, или лидерство, или храброста, како станувам мотивиран да направам нешто што е важно и со сето тоа ние ја отвараме нашата способност да ги поставиме перфектните прашања кои ќе ја однесат личноста до следниот чекор.

Покрај примената на коучингот со цел индивидуален развој и развој на лидери, во последно време расте интересот на компаниите за тимски коучинг и развој на “коучинг култура” внатре во организациите. Коучинг културата е значајна бидејќи директно влијае на резултатите, подобрување на перформансите на поединците, развој, задржување и привлекување на талентите и подигнување на нивото на задоволство кај вработените. Како резултат на воведување на коучинг културата внатре во организациите вработените почнуваат да превземаат повеќе одговорност, го насочуваат вниманието кон саканите резултати, наместо барање проблеми и виновници, почнуваат да иницираат соработка.

Како резултат на примената на тимскиот коучинг, резултатот ќе биде различен, но суштината останува иста – Цврсто поврзување на членовите на тимот околу заедничка визија, идентитет и вредности на групата, заедничко дефинирање на стратегии и активностите кои групата ги превзема или има во план да ги превземе во иднина со конретни рокови, носители на активности и очекувани резултати. 

* Имаат ли луѓето-жените кај нас предрасуди отворено да разговараат за своите проблеми и навика да посетуваат програми за личен раст и развој? 

- На индивидуaлно ниво, оние кои ни се обраќаат, веќе направиле исчекор од својата зона на комфор и отворено разговараат за проблемите со кои се соочуваат, но многу поголем предизвик е што се подготвени да направат и да превземат во врска со истите. Во секој случај е право на секого. Секој е кројач на својата среќа, на својот успех. Оние што доаѓаат, брзо успеваат да ги најдат посакуваните решенија. Брзо учат дека проблемите стануваат проблеми во нашите глави, тие се дел од индивидуалните мапи на реалност па преку моќниот коучинг и промена на начинот на перцепција, начинот на размислување за истите, проблемите брзо се трансформираат во цели кон кои тргнуваат со жар и мотивација. На тој пат секако постојат предизвици, тие се неминовни и ние единствено можеме да “победиме во животот” доколку работиме на себе и се зајакнуваме себе си. Коучингот, како вид на учење и работа на себе е најдобар начин за тоа. 

Некои на почеток ја препознаваат како тешка работата на себе, како непријатна и не дава инстант резултати. Но истрајноста, толерирање на почетната фрустрација заради долгорочно задоволство е секогаш правиот пат. Луѓето се водени од навики и се навикнуваат на буквално било какви услови. Прават зона на комфор и во најлоши животни услови. Животот навистина почнува токму надвор од зоната на комфор. И не е добро доколку коучингот е целосно пријатен процес. Тоа би значело дека клиентот ништо не менува, а ако ништо не менува секогаш ќе има исти резултати и долгорочно гледано може да очекува многу поголема болка и страдање. 

Трансформации во начинот на размислување секогаш се случува, а за крајните резултати е одговорен самиот клиент кој сега има многу поголем избор да делува на поинакви начини од тоа што дотогаш го правел и не вродувало со успех. Секој за себе одлучува до каде сака да оди. Коучот на тој пат служи како вредна подршка и место за одговорност, ставајќи светло на оние места кои за клиентот претходно биле во мрак, а кога нешто е во мрак тежнее да не контролира. Секој си го знае патувањето на кое е. Кај си слаб, кај си силен, што можеш да зајакнеш, кој е твојот следен чекор? Генерално областа која ја јакнеме е справување со старите стравови. Ова не држи заробени во мали просечни животи, живот на стагнација на секое поле и пауза во прогресот, кој води кон уште поголеми стравови. Ова е особено изразено кај жените, и токму затоа реализираме специјализирани програми за развој на Автентично Женско Лидерство. Истата содржи стратегии кои и помагаат на жената да ги менаџира сопствените стравови и сомнежи, да се ослободи од перфекционизмот и претераното планирање и да го прегрне стравот кој доаѓа со можностите.  Многу нормално и човечки е да се сака да се биде успешен. И секој кој сака да успее во нешто, треба да направи нешто, некогаш во животот. Да направи скок. Не сме тука само да егзистираме. Надвор од нас, физички да се манифестира надвор во светот. Но за тоа да се случи, мора да се направи исчекор, да се скокне. 

* Мислите ли дека со вашите совети сте смениле нечиј живот? 

- Всушност, тоа е најголемата награда и мотивација за мене во оваа работа. Кога добивам искрени признанија дека благодарение на тренинг или реализиран коучинг кај другата личност се поттикнал внатрешен процес на промени, решиле некој свој проблем или донеле значајна одлука за својот живот која ги влече надвор од комфорната зона, се придвижиле напред превземајќи похрабри акции и реализирале своја долго посакувана цел. Допирање на другите животи на начин што носиме вредност е нашето вистинско наследство кое го оставаме.

* Какви настани, ангажмани ве очекуваат во скора иднина? 

- Покрај редовниот распоред на тренинзи и активности, она што не очекува во најскора иднина се два настани. Првиот настан се случува на 05.07 - “Coaching Day” каде нашата компанија Сенсум Тренинг и Коучинг е дел од серија регионални настани во организација на “HR World” и списанието “Coaching”.  Целта на настанот е развој на коучинг културата и популаризација на коучингот во Македонија и Адриа регионот. Убавината на овој настан е што околу 40 граѓани од Македонија ќе имаат можност бесплатно да го искусат коучингот и да работат со професионални коучеви. Коучинг денот во Македонија ќе се реализира на 5 јули 17 до 20 часот и истиот ќе се одвива паралелно на 6 различни локации кои заедно со можноста за он лајн пријавување ќе бидат објавени на нашата веб страна и сите социјални страници на Сенсум Тренинг и Коучинг. 

Вториот настан ќе биде на 20 јули. Целта на овој настан е поблиску да ги претставиме моќните можности на Невро Лингвистичкото Програмирање и коучингот како процес. Истиот се реализира во соработка со Македонската Асоцијација за Човечки Ресурси, а гостин предавач ќе биде меѓунареден мастер тренер и коуч, Сениор партнер во Атриа кои се воедно и наши партнери - Пеџа Јованович. 

НЛП и коучингот се дел и од моето усовршување. Овие две области се многу поврзани. Коучингот е пристап, додека НЛП е сет од алатки и стратегии моќни да направат посакуваната промена навистина да се случи. 

Милица Џаровска