„Да внимаваме на воспитувањето на синовите, тие се новите генерации мажи, од кои ќе зависи еднаквоста на новите генерации жени!“

Денеска го славиме Меѓународниот ден на жената, 8-ми Март, празник посветен на жените. Создаден е како ден на сеќавање на борбата за економска, политичка и социјална еднаквост на жените и мажите. 

Соња Алексоска- Неделковска, нашата еминентната новинарка и авторката на книгата за Тоше Проески „Ова не е крај“ преку емотивна и искрена до срж објава на Фејсбук им го честиташе празникот на дамите:

„ЗА МАЈКИТЕ НА СИНОВИ!
Утрово син ми, како молња излезе од дома. На врата ми рече дека нарачал леб од хељда и просо и дека мора да го земе. Искрено, иако здравата исхрана ми е најважна, ме погоди. Не ми го честита празникот.
Се врати дома со лебот, но и со букет цвеќе.
„Среќен празник мамо“. Се расплакав од среќа. Не е прв букет, но овој пат е посебен. Знаете зошто?
Кога беше тинејџер и почна да излегува, му велев: „Сине, ако дојде девојче со корпа со цвеќе во кафулето, купи им на девојчињата по еден цвет и подари им го“. Еднаш се обидел и пријателите почнале да му се смеат.
Ми требаа милион часови разговори, натегања, лутења... за да почнам да објаснувам што значи цветот, гестот, подарокот за жената. Што значи ЖЕНА! Како треба да се однесува... Да биде трпелив и да не навредува... ШТО ЗНАЧИ ДА СЕ САКА, НО И ДА СЕ ВРЕДНУВА ЖЕНА!
Овој букет е потврда дека сум успеала. Колку, ќе покаже времето.
Драги мои! Ако сакаме да не‘ почитуваат, сакаат и негуваат како цвет, треба да внимаваме на воспитувањето на нашите синови. Тие ќе бидат новите генерации мажи, од кои ќе зависи еднаквоста, успехот, убавината на животот на новите генерации жени!
СРЕЌЕН ПРАЗНИК!“


Фото: Фејсбук - Соња Алексоска Неделковска