Убавината ќе го спаси светот: Иван Босиљчиќ во Охрид раскажа неверојатна љубовна приказна

Иван Босиљчиќ е секогаш драг и добредојден гостин во Македонија. Сношти, тој имаше настап на Охридско лето со програмата „Наша вечер во Охрид“ во Долни Сарај, во која тој рецитира стихови од познати поети и писатели.

Српскиот актер досега сме го гледале на неговите музичко поетски- вечерипеејќи екс југословенски евергрини и руски романси. Овој пат, дојде во поразлично издание и со право го исполни Долни Сарај до последно место.

Босиљчиќ е мајстор на само нему својствен начин да ги пренесе стиховите на големите Бодлер, Есенин, Блаже Конески, Анте Поповски, Алекса Шантиќ, Милан Ракиќ. Оваа вечер беше посветена на нивните стихови збогатени  со гитарската придружба во фадо- звук. .На сцената го следеа професорот по класична гитара и композитор Горан Ковачиќ, како и маестро Зоран Стојановиќ, кој веќе три децении живее во Португалија и има соработувано со ѕвездата на фадо-музиката Дулче Понтес.


Особено шармантен беше делот кога Босиљчиќ го цитираше Блаже Конески на симпатичен македонски јазик, а најголем дел од себеси како да даде со песната „Чекај ме“ од рускиот поет Константин Симонов.

-Одејќи во војна и не верувајќи дека ќе се врати дома, Симонов напишал песна за својата жена, и бил сигурен дека тоа парче хартија ќе ѝ го однесат за да ја прочита прошталната песна. Писмото ѝ го однеле, и никој не верувал дека Константин ќе преживее. Но, тој се вратил дома жив, затоа што таа знаела да чека“, ја раскажа актерот оваа интересна љубовна приказна.

Потоа, го цитираше Достоевски со важна порака. „Достоевски рекол дека убавината ќе го спаси светот. Ако во овој тежок период сте си помислиле како да се спасиме, ова е еден од начините. Ви благодарам што дојдовте вечерва“, порача познатот актер, миленикот на женската публика.

За крај, ја испеа „Тајно која“ од Тоше Проески како изненадување,  а со руските романси нè почести на бис, и беше испратен како и секогаш, со долги аплаузи и со вресоци.

М.Џаровска