Ванчо беше насмевката, Влатко миленик на колегите: Нѐ напуштија во 2018

Добивај вести на Viber

Мртвите никогаш не се мртви, додека не заборавиме на нив, напишала Мери Ен Еванс, англиската писателка која творела под псевдонимот Џорџ Елиот. Нив сигурно нема да ги заборавиме. Нивните дела се неповторливи. Нивното заминување голема загуба за сите.

Симеон Иванов - Канго (26 март)

Препознатлив по својот немирен творечки дух и необичен стил на музицирање и облекување тој беше еден од најдобрите македонски рок - музичари и гитаристи. Симеон Иванов - Канго (познат и само по својот прекар Канго) беше и поет, сликар и основач на културното движење „Мактеон“ кое има за цел да ја промовира македонската нација, култура, јазик, земја, а особено античко-македонското наследство на денешниот македонски народ. Познат и по својот необичен стил налик на стилот на легендарниот гитарист Џими Хендрикс, чиј гoлем почитувач е и самиот Канго.

Симеон Иванов е роден во Кочани на 2 Ноември 1951 година, каде што го завршил основното и средното образование. Дипломирал на правниот факултет во Скопје.

Над 20 години, Канго е и сопственик на училиште за рокенрол музика каде го предава своето искуство на помладите генерации.  Зад себе остави седум музички албуми и четири стихозбирки , сопруга , 3 деца и внуци.

Влатко Илиевски (7 јули)

Македонската јавност ја шокираше веста за смртта на еден од најпознатите македонски пејачи Влатко Илиевски. 33- годишниот рокер кој со години беше дел од групата „Морал“ беше пронајден мртов во автомобил во Скопје. Илиевски со години беше дел од групата „Морал“, исто така беше и водител на најпознатиот детски фестивал „Златно славејче“, а во 2011-та ја претставуваше Македонија во Германија на Евросонг со песната „Русинка“. Влатко беше миленик на сите генерации. Секогаш со својата музика се трудеше да допре до сечија душа, а неговиот ведар дух беше обожуван и од колегите. Неговите колеги тешко се простија од него преку своите Фејсбук профили.  Меѓу најемотивните статуси беа оние на неговата долгогодишна пријателка Тамара, која се уште вели дека многу и недостасува.

Елена Ристеска пак откри дека сакале да прават дует на нејзината песна „Усни како темно мастило“ и напиша : „Почивај во мир, поздрави го Тоше и татко ми, еден ден таму некаде ќе си пееме и ќе си го испееме и дуетот.“

Ребека раскажа дека извесен период пред тој да почине се виделе, а таа препознала нешто во очите на прерано починатиот пејач. Tаа го сподели тоа на својот Фејсбук профил: „Како и секогаш, така и овојпат, насмеан, срдечен, културен, но во очите му видов страв и разочарување. Имаше на лицето некоја мака. Влатко, момчето со ѕвезди во очите и најубавата насмевка замина“


Ванчо Петрушевски ( 25 август)

Познатиот македонски актер Ванчо Петрушевски, почина на 67 годишна возраст  од струен удар во својата викендичка со скопско Орешани.

Инаку, Ванчо е роден на 19 април 1951 година во Скопје, а веднаш по завршувањето на Високата музичка школа, отсек за актерски кадри во Скопје во 1975 година се вработил во Драмскиот театар во Скопје, каде неговиот раскошен талент го истакнал веќе во првата претстава „Ослободување на Скопје“ од Д. Јовановиќ. Учествувал во голем број радио-драмски проекти, телевизиски драми, серии.

Легенадрниот актер Димче Мешковски, се присети на дружбите со својот колега: 

„Ванчо беше насмевката. Тој најмногу не веселеше. И на претставите, и по нив, и додека се збиравме овде во бифето на Драмски театар да играме табла“, изјави Мешковски во интервју за „Женски магазин“ .

Актерот Гоце Тодровски раскажа оти викендичката во Орешани била омиленото место на Ванчо, а Тодоровски од тага веќе никогаш нема да стапне таму.

„Ванчо Петрушевски ни беше како Ален Делон во друштво. Девојките многу го сакаа. Ние останатите се влечевме по него, па така и ние по некоја девојка ќе фатевме“, изјави Тодоровски.

Гоце вели дека со Ванчо поминал 54 години. „Повеќе бев со него отколку со себе“, кажа Тодоровски на комеморацијата во Драмски театар, реченица која ги трогна присутните. Легендарниот актер кој за улогата на Цанде во претставата „Солунски патрдии“  доби награда за фестивалот за театарски игри „Војдан Чернодрински“ , вели дека со Петрушевски бил другар од шесто одделение. Уште од тогаш, правеле детски претстави во училиште, на родителските средби.

„Јас бев одлилен ученик, Ванчо послаб. Но, секогаш се вадеше на неговиот шарм и на снаодливост па и тој добиваше добри оценки“.

Тодоровски додаде дека поради Петрушевски и тој станал актер. „Ванчо ме натера да се запишам на Факултетот за драмски уметности, да не беше тој, ќе си бев градежен инжинер“, рече актерот. 

Мите Грозданов ( 25 ноември)

Мите Грозданов е роден е во Струмица на 14-ти декември 1943-та година. Во својата 40-годишна професионална актерска кариера одиграл бројни улоги во претстави, меѓу кои во „Партитура за еден Мирон“, „Лисистрата“, „Болен Дојчин“, „Војцек“, „Болва во уво“, „Јане Задрогаз“, „И бол и бес“ , „Цар Едип“, „Солунски патрдии“, „Рибарски караници“, „Црнила“, „Сомнително лице“…

Добитник е и на голем број награди, како „Млад борец“, Златен ловоров венец на МЕСС, Сребрена колајна на Фестивал на монодрама во Земун, Актер на годината на „Екран“, награди за главна машка улога на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп на кој во 2010-та ја доби и наградата за животно дело.

Тој беше актер на Драмски театар-Скопје од 1967-ма до пензионирањето во 2008-ма година. Беше нарекуван мајстор на монодрамата.

„Си отиде еден од оние неколку луѓе заради кого занемено се вљубивме во театарот кога беше поумно да се вљубуваш во други работи! Си отиде човекот од кого научивме дека со театарот и сите оние други вљубувања имаат сила и страст за да траат засекогаш! Си отиде човекот чии реплики сме ги знаеле наизуст само од гледање! Си отиде човекот кој за нас беше човек кога за публиката беше Бог! Си отиде Мајсторот! Бог да го прости ..чич` Мите,, - напиша во својот последен поздрав режисерот Јани Бојаџи.

Горан Стефановски ( 27 ноември)

На 66-годишна возраст, почина познатиот македонски драматург Горан Стефановски.

Стeфановски во своето богато творештво ги има делата „Диво месо“, „Лет во место”,  „Дупло дно” и „Тетовирани души”. Тој заедно со Слободан Унковски е авторот на емисијата „Бушава азбука“, детската ТВ емисија со која пораснаа многу генерации. 

Горан Стефанофски е добитник е на престижните награди: „Стале Попов“ , „11 Октомври“,  двапати на „Стериина награда” и шестпати добитник на наградата „Војдан Чернодрински“. 

Горан Стефановски е брат на познатиот музичар Влатко Стефановски. Смртта не неговиот брат го затекна на турнеја во Австралија. Оттогаш, Стефановски нема објавено ниту една фотографија или статус на социјалните мрежи. 

Во редот емотивни посвети за великанот, се запиша ди-џејката Вера Јакновиќ, која на Стефановски му ја посвети песната „Wild horses“ од Rolling Stones.

- Некаде пред крајот на осумдедеттите, често заедно се возевме во 5-ка, живееме во иста населба, од две различни страни на Аеродром... додека други не препознаваа, ние со невиден жар муабетевме за Стонси... а и се друго кое одземаше здив и ни нудеше привилегија да го кротиме градот со посебен шарм и енергија. Вечен спомен. The great gig in the sky - напиша таа.

Љубиша Георгиевски ( 6 декември)

Докажаниот режисер, драмски писател, професор и поранешен амбасадор и претседател на македонското собрание, Љубиша Георгиевски, почина на 81 година. Веста за неговата смрт на „Фејсбук“ ја објави актерот Роберт Вељановски.

- Македонија се збогува со еден од најголемите нејзини синови! На 81 годишна возраст, почина најголемиот македонски театарски режисер, еден од најголемите умови што се родиле под македонското сонце, професорот Љубиша Георгиевски! Почина мојот театарски татко! Бог да те прости професоре и да ти подари царство небесно - напиша тој.

Балканот го потресоа уште неколку вечни заминувања на великани

Во февруари на 49 годишна возраст, по кратко боледување, почина талентираниот актер Небојша Глоговац

Во април почина филмската легенда Јелена Жигон, после ненадејна и кратка болест. Позната е по улогите во филмовите: „Првиот граѓанин на малото село“, „Пресметка“, „Дошло доба да се љубав проба“, „Љуби, љуби ал главу не губи“, „Каков дедо таков внук“, „Жикина династија“, „Втора Жикина династија“, „Луди години“, „Каде плови овој брод“ и многу други.

Во јуни почина популарниот фолк пејач Синан Сакиќ, во Белград во семејниот дом, откако ја изгуби битката со болеста на денот кога требало да му биде соопштен датумот за трансплантација на црниот дроб.

Во јули во Сплит, Оливер Драгојевиќ, легендата за хрватската музичка сцена, почина на 71 година, една година откако му беше дијагностициран рак на белите дробови. Тој ги остави зад себе неговата сопруга Весна, синот Дино и близнаците Давор и Дамир. 

- Драги мој морски волку. Ништо веќе нема да биде исто по твоето заминување Оливер. Сите твои шеги и глупости на кои ние се смеевме како деца се моменти што јас никогаш нема да ги заборавам. Морам да ти признаам дека јас те сакав и јас те сакам како татко и понекогаш ми беше како помлад брат. Најмногу научив од тебе затоа што добив најмногу од тебе- напиша пејачот Тони Цетински за својот колега и пријател Оливер.

Големата српска актерка Милена Дравиќ почина на 78 години, а во нејзината богата кариера има одиграно преку 160 филмски и телевизиски улоги, од кои една е со холивудскиот актер Бред Пит. На легендарната актерка пред една деценија ѝ беше дијагностициран рак на дојка. Нејзина најголема поддршка во животот беше нејзиниот колега и сопруг Драган Николиќ. Драган беше нејзина љубов за сите времиња и иако немаа деца тие имаа среќен брак повеќе од четири децении, а за актерката тоа беа најубавите години од нејзиниот живот. 

Во 2018 не напушти и најголемиот светски ум и физичар Стивен Хокинг.

Иако на заболените од амиотрофична латерална склероза (АЛС) им се прогнозира најмногу 10 години живот од поставената дијагноза, Стивен Хокинг живееше со таа тешка болест повеќе од 50 години!

 Па затоа ова сеќавање го завршуваме со една негова мисла за животот:

„Колку и да бил тежок животот, секогаш можете нешто да правите и да бидете успешни во тоа.“


Д.К.