Во аманет на моите ќерки: Сакајте се прво себеси!

Знаев, со мајчинскиот инстинкт, дека подоцна, кога пораснете, тоа ќе ви послужи како пример. Пример кој јас никогаш не го имав. Се што ве научив во животот, ве научив бидејќи тоа треба да го знаете. Кога не бев баш репрезентативен примерок на мајка, се случуваше, и се срамам од тоа, но така мораше да биде, и од тоа можевте да научите нешто-какви не треба да бидете. Како не треба да ги повредувате луѓето, како не треба да бидете нервозни, лути, бесни ... и како тоа никому не му помогнало. 

Се сеќавате на онаа мудрост која често ви ја повторувам, но не успевам баш секогаш и да живеам според неа-Незадоволство е кога испиете чаша отров и очекувате од неа некој друг да цркне. Значи, нема сигурно. Низ животот, разни луѓе ќе ве учат други работи. Наставници и учители она што треба да ве научат бидејќи за тоа се платени и бидејќи така е настроено школството. Другарките можеби некои трикови во шминкањето, веќе научени лекции за момчињата...Поим немам што ќе ве учат другарките, но се молам во себе тоа секогаш да ви биде радост и спасение. Да го знам она што тие го знаат, би ве научила јас, не би го препуштила тоа на некој друг, но вашата мајка е родена во минатиот век, се сеќавате? Утре на работа, ќе ја учите работата која треба да ја работите , но и тоа ќе ве учат за да ја совладате што поскоро, и што поскоро да можете да им помагате, реткој кој ве учи онака од срце, само за да ве научи. Светот на возрасните е пресметан до срж. До сама љубов, до само склопување на брак. Бидејќи како што рекол Сент Егзупери-Возрасните премногу сакаат броеви. Би сакала да најдете нешто во животот што ќе сакате да го учите, дури и ако вашите учители нема да сакаат вас да ве учат. 

Ретки се обостраните љубови, во било која смисла. Бидејќи цел живот учите и ќе учите. И колку и да сакам да ве научам се што знам и уште повеќе, нема да стигнам. Нема да имаме кога, или нема да ве интересира моето знаење. Бидејќи мораме и да се сакаме, да доручкуваме, ручаме, вечераме, да се бањаме, да ја работиме домашната работа ... Нашето семејство не е камп за стекнување на беспотребни и потребни вештини. Не, не е. Би било премногу заморно и досадно често да правиме нешто, иако во некоја рака и учиме често, но додека го учиме тоа не го нарекуваме учење. Просто, живееме и низ тој живот спознаваме многу работи. И од друга страна, не е животот војна, па често да развиваме некои стратегии, иако тоа ќе ви изгледа така безброј пати. И ќе кажете - Да, вистинска војна е. Но јас и за тоа го молам Бог, никогаш да не го спознаете вистинското значење на зборот војна. Значи ќе учите, учите и сега и учевте досега, но постои една работа која само јас можам да ве научам. Можеби може и некој друг, да не грешам душа, но треба да потекне од мајката, бидејќи од неа најлесно се учи. Тоа не е ни убаво однесување, ни готвење, ни пеглање, ни основи на хигиена, ни мноштво други нешта и добри и корисни работи кои ве учев, и се надевам ве научив. 


Не, тоа не е единствената работа, за која никогаш не ви говорев во теорија. Секогаш ви ја покажував. А тоа е вештина да се сакате себе!!!


Да, најдраги мои, да се сакате себе. Иако тоа можеби е спротивно од онаа наша постојана борба со горделивоста. Не се демантирам себе кога ви кажувам сакајте се прво себе си, а ве учев дека гордоста е почеток на секое зло. Не, бидејќи и во заповедите стои да „ги сакаме блиските свои како самите себе“. Бидејќи ако самите не сакате, другите тоа ќе го почувствуваат, и ќе ве сакаат помалку отколку што би можеле или нема воопшто.