За венчавање нема уште ништо ново тато, прати ми некој ангел, некој како тебе: Билјана Јаневска со емотивна порака до својот починат татко

Македонската мисица, манекенка и модел Билјана Јаневска со емотивна порака и низа фотографии се присети на својот починат татко. Порака која ќе допре до сечие срце и ќе донесе солзи на лицето...

„27 Септември 2020 година, денот кога Јас станав пола сирак. Знаеш тато каков ,,трол" ми се случи пред некоја недела.

Седев еден цел ден во собата каде што најчесто престојуваше додека гледаше телевизија, бев тажна тој ден, не го наместив креветот и заминав брзо во мојата соба. Наредното утро дотрчав повторно таму, но тебе те немаше. Потоа се освестив дека тоа е само кошмар ...

Кај си бе ,, брат "? Ќе ти речев. Е од каде бе Јас на тебе брат ? Ќе се насмееше благо, ти не знаеше да се лутиш.

Како вчера да беше, истата болка, се пресушив од плач. Дојди на работа, стави си кафе, поплачи си Билјанче, па туку ќе го вклучам компјутерот и ќе почнам со работа. И така катаден.

Не сакам пред мајка таква солзна, ќе ми се насекира. И ете пак јавно кажав се, ќе ме сети.

Со мама сме ОК, сега не си ти тука да пресечеш дека Јас сум во право. Сега и двете сме во право. Ќе се потскараме ама и ќе се смириме, една без друга не можеме. Знаеш, после твоето вечно патување Јас се вработив, по струка сум сега ТАТО да не ми се секираш, нема да се мачам веќе во смени. Митровден мама не сака веќе да славиме, лебче в црква оставаме и назначуваме само ние две. Домаќинот ни го нема, што ќе ни е.

Кобно утро беше тоа, глава ме болеше уште рано изутрина. Имам грижа на совест знаеш? Многу бев весела, бев излезена ... бела ноќ беше вечерта пред да починеш. Пуста останала. Си велев јак е тато, ќе излезе од интензивна и ќе си дојде дома.

Ама не бе! Ти тврдоглав како и секогаш подлегна и си замина. На тебе сум тврдоглава, знаеме сите. Знаеш тато дека бојата на очите ми се менува?! Како на тебе, како на камелеон. Немам веќе кафени, сега е мешавина, зелено- маслинести. Што ти значи генетика. До ден денес не сум направила нешто со што би те засрамила и никогаш нема да направам.

Нема врска, батали. Да се навратам на муабетот ....

Две години ме болиш, како од дента кога дојде мама и ме прегрна за да ми каже дека е готово. Тато почина сине. И сега плачам, тешко ми е. Многу. Во најубавото ме остави. Додуша секогаш е најубаво, кога и да се случеше тоа ќе ме болеше. Затоа што беше мажот на мојот живот, мојот најверен другар, татко над сите татковци.

Беше празник, седнавме сите тројца на трпезата. Беше преубаво. Имаше од пиле млеко. Се сеќавам што ми рече тогаш ,, Билјана, тато, Јас и мајка ти ќе те поддржиме во се што ќе одлучиш. Секогаш ќе бидеме покрај тебе и твоја поддршка. "

Или пак кога застана на врата кај мене во детска и ми рече: Билјанче татичко, ти си дете дукатинче! Ме збуни. Знаеш колку ми е тешко сега без твојата поддршка? Многу!

За венчавање нема уште ништо ново тато, прати ми некој ангел, некој како тебе. Да личи на тебе, да ме сака како тебе, да ме чува како тебе. Како капка на дланка. Ќе го сакам и Јас, ќе го чувам и Јас. Сите принцези бараат момчиња што личат на нивните татковци. Ти си мојот убавец.

Поздрави ги горе сите, поздрави го вујче Здравко и кажи му дека тој после тебе најмногу ме уништи, вујче Аце, баба Зорка и дедо Живко, другите баба и дедо, поздрави го и братучедот Александар, поздрави го и Даре, вујна Славица и вујна Стојанка.... многу сте. Да не продолжувам. Ќе зафати три листа.

Почивај во мир и седи си таму каде што си. Болно е, ама вистина е. Твоја одлука е тоа. Јас те сакам толку многу, што никогаш нема да ти простам за оваа празнина што ми ја остави за цел живот.

Те сака твојата бесница.

И знаеш што? Само добрите луѓе на празник умираат.

Животот треба нешто да ти земе, за да ти подари!!!“