ЗДРУЖЕНИЕ „САКАМ ДА РАБОТАМ'“: На улица ќе останат 7.700 вработени

Oд Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ реагираат во врска со најновата најавена иницијатива на политичката партија ДУИ, која преку изјава на Координаторот на пратеничката група, Ејуп Алими, најави дека ќе бараат законски измени со кои ќе инсистираат дислокација на објектите во кои се организираат игри на среќа. 

„Прво, овој предлог доколку биде усвоен ќе значи клуч на врата за оваа дејност. 7 700 вработени, кои ќе останат на улица, ќе мораат да си го бараат чарето во западните земји членки на ЕУ каде повторно ќе работат во оваа дејност. Врз основа на сите анализи кои се направени, не постои решение ем да се дислоцираат половина километар или повеќе, ем да продолжат објектите за игри на среќа да функционираат. Во практични услови е невозможно, заради постоечката урбанистичка поставеност и планирање, овој услов да биде исполнет. Дислоцирањето на 500 метри од една образовна институција ќе значи дека истиот објект да биде поставен помалку од половина километар од друга образовна институција. Второ, длабоко жалиме што подолг период сме цел на една оркестрирана хајка која треба да ја претстави оваа дејност како најголема закана за младите, објектите каде се организираат игри на среќа како „дувла“ на криминал, а ние сме претставени како државен проблем број 1! Јавноста треба да земе предвид дека со оваа дејност не се занимаваат роботи или некои наводно бесчувствителни профитери, туку луѓе од крв и месо, кои се активини чинители во ова општество. И ние сме родители, најчесто на малолетни деца и никогаш не би се согласиле да бидеме дел од нешто што ги прави нив потенцијални жртви. Во автомат клубовите и казината одамна се имплементираат сите највисоки стандарди на ЕУ, се е 100% законски!“, се наведува во соопштението. 

Велат дека никој не може со сила да биде натеран да влезе во обложувалница или автомат клуб. 

„Бидејќи меѓу нашиот народ владее верувањето дека овие објекти, излози се заразни и предизвикуваат зависност, ајде ако е така да ја отвориме дилемата до крај! Дали по истата логика младите не се загрозени и од продавниците и „тобаката“ кои се на секој чекор и каде гледаат и можат слободно да купат алкохол и цигари, кои се исто така многу тешки пороци? Дали ние родителите сме сигурни дека на нашите малолетни деца не им се служи алкохол во кафулињата кои ги посетуваат, бидејќи јавна тајна е дека келнерите или шанкерите не им бараат лична карта на секоја нарачка? Значи ли дека треба и кафулињата да бидат дислоцирани на 500 метри или 3 км од секоја образовна институција?“, стои во реакцијата.