„Женски магазин“ меѓу првите гости во Банско: Спа, чист воздух и ментален одмор

Добивај вести на Viber

Во новогодишно руво, без снег, кој се најавува оваа недела, Банско во Бугарија ја отвори сезоната на чист воздух, на скијање, уживање во термални бањи или покрај камин со топол чај или жесток пијалак, муабети или прошетка на брендираната облека.

Ова мало, живописно гратче кој прерасна во еден од главните зимски спа и ски- центри на Балканот и е под заштита на УНЕСКО, накитен со прекрасни стари дрвени куќички, со тесни калдрмени улици, мали плоштади и мноштво кафулиња, луксузни хотели и ресторани, од минатиот викенд е подготвен за гостите од регионот, но и од Русија и од Европа. 

Распослан на Пирин планина на туристите им нуди идеални услови за скијање и одмор. Цели 75 километри професионално подготвени патеки се на располагање на љубителите на зимските спортови, а 25 километри модерни лифтови удобно и брзо ги транспортираат гостите. Ски-центарот располага со 17 скијачки патеки и 27 ски-лифтови. Највисоката точка на ски-центарот е 2.560 м, а најниската – 1.000 м. Зимата во Банско е загарантирана, ако не падне снег, тогаш тука се 250 топови кои ќе ги покријат патеките со вештачки снег.

Банско заличува на дама од прва класа која сака мирен, суптилен и елегантен одмор, во бутик-хотел со акцент на релаксација наспроти енергичен, страстен, 24-часовен рекреативен одмор, полн со адреналин и врева, во огромен хотелски комплекс.

Новинарската екипа од Скопје, на покана на туристичката агенција „Фибула Ер Травел“ од Скопје, викендов во Банско беше во обиколка за да дознае зошто родното место на Никола Вапцаров, со 9.190 жители, и блиску до Разлог, е омилен на Македонците или омилен инхалатор на Македонците.

Бевме сместениво бутик-хотелот „ Риверсајд“ со четири ѕвездички (во подножјето на планината Пирин), накитен новогодишно, со топла и романтична атмосфера, покрај камин, или ако повеќе милувате покрај модерно опремениот бар. Со бучни гости кој се шетаат по бањарки во лобито, или цели семејства кои бараат мир и не се одвојуваат од своите телефони. 

Лоциран во центарот, ви нуди прошетка до најблиските  барови или ресторани, наш најомилен ни беше „Џинџер“ со модерен шмек и љубезен персонал. Ја имавме можноста да го посетиме и хотелот „Мараја“, исто така лоциран во близина на центарот, кој освен стандардната понуда на легла нуди и прекрасен поглед кон планината Пирин.

Од Скопје до Банско, по само пет часа возење (во нормални зимски услови и без задржување на граница) смогот го заменувате со сино небо, чист воздух и опоен мирис на бор од блиските шуми. Со првото стапнување во Банско инстинктивно почнувате длабоко да вдишувате и да издишувате. Кратка адаптација и го грабнувате куферот, брзајќи да влезете во хотелот, да се распакувате и одново да излезете за да ја впиете сета таа убавина.

Иако Бугарија е најсиромашната членка на ЕУ, тоа во Банско не се чувствува. Во општинската каса се слеваат 16 милиони евра исклучливо од туризам. Градот кој својата експанзија ја доживеа последните години, успешно црпејќи ги европските пари кои дојдоа со влезот на земјата во НАТО,а потоа и во ЕУ, сега се носи рамо до рамо со најубавите светски зимски скијачки центри.

Во Банско температурите се нешто повисоки на пример, од најстариот зимски центар во Бугарија и царско ловиште Боровец. Цените на аранжманите за полупансион (со појадок или појадок со вечера) во хотелите во ски-центарот се движат од 30 до 70 евра дневно, во зависност од типот на хотелот.

Уживање со минерални базени

Освен комфорниот и мирен престој, или скијањето на скии или скиборд полни со адреналин на скијачките патеки, Банско може да се пофали и со ексклузивен одмор во надворешни базени со минерална вода, со кои ретко можат да се пофалат други центри во регионот и подалеку.

Термалната бања „Регнум“ е лоцирана на 5 километри подалеку од истоимениот хотел, во селото Бања, до каде што има бесплатен превоз доколку сте гостин на хотелот. Огромниот надворешен базен со температура на водата од 33 степени нуди уникатно доживување ако се капете додека ви паѓа снег, (за жал викендов немавме такво искуство), ако сакате уживање во потопла вода, на располагање ви е џакузи со минерална вода со температура од 40 степени, или во поголемиот базен со топла вода од 37 степени. Велат, нема поздраво од топла бања да излезете на студениот воздух. Се разбира, и да облечете наметка. Така ви се затвораат порите на кожата и нема шанси да настинете. Откако ќе излезете од топлите бањи, препорачливо е да се истуширате и да се напиете топол чај.

Топло-ладно, внатре-надвор

Пред да влезете во хотелите во Банско ви е ладно, кога ќе влезете внатре ви е многу топло, правите облечи-соблечи. Низ хотелите некој се шета во бунда, некој во кратки панталони, некој бос со бањарка, а некој со скијачки чевли и јакна. Некој се спрема за спа и за пливање и сауна, некој за скијање, а многу гости сакаат да уживаат со кафе или чај покрај каминот.

Славни и обични гости

Во хотелите „Риверсајд“ и во „Мараја“ каде бевме како дома, меѓу гостите, сега на стартот од зимската сезона, најмалку се слушаше македонскиот јазик, а најмногу- грчкиот јазик. Кога ќе забележите дека некој вика, зборува гласно и се смее, знаете дека е од соседна Грција. Секоја зима, па и оваа мешавина од гости ( не премногу колку што ги има кога има снег) - од вистински зимски рекреативци до нашминкани дами со пудра, фенирани коси и црвен маникир, со луксузни бунди и скијачка брендирана облека. Плачат бебиња, децата уживаат и си играат, возрасните или се нервираат, или молчат, или се зафатени со телефоните.

Лејла Сабит