ЖИВЕАМ СО ШЕСТ ЗМИИ ОД ТАЈЛАНД: Необичен бизнис на охридската легенда Гоце Аждерот
Змиите се од Тајланд. Ги купувам од циркус од Србија, тие се веќе припитомени. Имам вкупно шест дома, и воопшто не ми е необично што живеам со нив. Кога моите родители разбраа дека дома ќе живееме со змии, полудеа. „Дали си нормален“, ми рече мајка ми“, раскажува Гоце Аждерот
Веќе 24 години, тој и неговите змии се неизбежен дел од охридската чаршија. Гоце Спасески, на охриѓаните познат како Гоце - Аждерот, од 1994 година се занимава со необичен бизнис, одгледување змии кои се атракција за туристите. Нема кој не поминал низ чаршијата, а да не ги забележи двете девојки кои носат змии на вратот и ги канат минувачите да се фотографираат со нив.
- Змиите се од Тајланд. Ги купувам од циркус од Србија, тие се веќе припитомени. Имам вкупно шест дома, и воопшто не ми е необично што живеам со нив. Кога бев многу помлад, во 1994 година, си помислив: што е тоа со што можам да се занимавам, а да привлече внимание кај туристите? Стапив во контакт со луѓе кои работат во циркус од Србија и се договорив да купам змии кои би биле атракција за посетителите. Кога моите родители разбраа дека дома ќе живееме со змии, полудеа. „Дали си нормален“, ми рече мајка ми“ - ни раскажа Гоце Аждерот.
Нема кој не поминал низ охридската чаршија, а да не ги забележи двете девојки кои носат змии на вратот и ги канат минувачите да се фотографираат со нив
Малку по малку, тој почнал да ги убедува родителите дека змиите се питоми, дека не можат да им наштетат и да го сфатат серизоно неговиот нов бизнис. Сега веќе, на сите им е сосема нормално што во семејствсото имаат уште „шест члена“. Со истиот, семеен бинис, сега се занимава и синот на Гоце.
- Во текот на сите овие години, сфатив дека змиите воопшто не се опасни. Не бараат многу внимание. Ги ранам еднаш во месецот со жив плен: гулаби, кокошки, зајаци. Нормално е дека се врзуваш со секое живо суштество со кое што поминуваш повеќе време. Така и јас и моето семејство со змиите - додаде Гоце.
Се занимава со одгледување змии од 1994 година: Гоце (прв од лево) со пријателите
Освен во Охрид, шесте питони на Гоце се прошетани и до Албанија и до Црна Гора, во тамошните туристички места. Ако се пресметаат патните трошоци до таму, заработката, вели тој е речиси иста. Професионална, развиена фотографија во фото-студио со змиите чини 150 денари, а ако туристите имаат желба да се сликаат со свој мобилен или апарат, цената е 100 денари. Гоце-Аждерот во Охрид е познат и како организатор на настани и на забави. На почетокот од август, ќе се одржи традиционалната Мис змија, на која кандидатки на избор за убавина, на крајот од настанот дефилираат со неговите питони.
Милица Џаровска