Животна училница // Приказни
Македонската жена е заглавена во стереотипите
Каква е улогата на жените во локалните избори во земјава. Застапени ли се, добиваат ли доволно простор, ги прифаќа ли општеството или ги дискредитира... На овие прашања, тимот на Женски Магазин ќе се обиде да добие став од дами, успешни во своите професии.
Ставот на Катарина Синадиновска, Претседател на советот за етика во медиумите, за Женски Магазин го пренесува Вики Чадиковска.
Женски Магазин: Дали сметате дека е премала застапеноста на дамите на градоначалничките листи?
Синадиновска: Македонскиот проблем не е само тоа што жената е премалку застапена на политички функции (еве на овие избори има само 11 жени од 206 кандидати, тука и „премалку“ е малку), тукушто нејзината политичка кариера речиси без исклучок е во сенката на партискиот лидер -маж. Дури и оние жени коишто ќе успеат да влезат во овој смешен процент и потоа да се закитат со функција зрачат со ликот којшто општеството го исцртал како најприфатлив за полот – покорна, послушна, тивка, никако бунтовна, дотерана по калап, вистински поддржувач на успешниот маж зад којшто стои. За мене ова е поголем проблем. Да, ми пречи тоа што нема ниту една жена лидер на сериозна политичка партија, ми пречи малата застапеност на жените, но искрено, најмногу ми пречи задоволувањето на квотата само како законска норма, без суштински да се има волја за сериозна рамноправност на жената и на мажот. Значи, се избираат жени коишто реално немаат капацитети да го засенат неговото височество лидерот и најбитно – никогаш нема да му се спротивстават , а неговите одлуки ќе ги спроведуваат со карактеристичен стоицизам. Затоа наместо упорно да се залагаме за поголем број на жени, да кажеме збор -два и за квалитетот на тие жени и да си одговориме на прашањето зошто со години не блеснала (чест на ретки, ретки исклучоци) навистина успешна жена во македонската политика.
Женски Магазин: За дамите кои се борат, слушнавме коментари за нивниот изглед. Изгледот како фактор никогаш не се зема предвид кај посилниот пол. Дали на овој начин, се врши дискриминација врз кандидатките?
Синадиновска: Мислам дека за ова имав пишано и на мојот ФБ профил. Едноставно згрозена сум од дрскоста да се коментира изгледот. Уште повеќе се згрозив што оние коишто ја „бранеа“ кандидатката која наводно не била доволно дотерана за јавен настап, подеднакво ниско ги напаѓаа останатите жени кои сакаат да се дотеруваат, шминкаат, облекуваат модерно велејќи дека ним им е место во бордел, не во политика. Врвен примитивизам и напад ад хоминем е обидот да се оспоруваат нечии професионални квалитети врз основа на стилот на облекување или физичкиот изглед воопшто. Алберт Ајнштајн не важел за исклучително убав, згоден или модерен, па не се сеќавам дека сум прочитала оти некој не бил задоволен од неговиот изглед. Од друга страна, Никола Тесла бил совршено испеглан, дотеран и исчешлан, па повторно никому не му пречела неговата желба да ја следи модата. Да, веројатно жената е повеќе подложна на коментари од јавноста во однос на изгледот, ама жените сигурни во себе не треба мува да ги лази дали некому му пречи нивниот дефицит или суфицит на среденост. Основна е таа слобода и тоа право на избор и тука нема разговор.
Женски Магазин: Дали Македонија има капацитет за прифаќање на јавната функција, без притоа да се дискриминира?
Синадиновска: Примерот со трите специјални јавни обвинителки покажа дека и има и нема. Тие навистина станаа македонски ѕвезди, јавноста ги прифати без задршка што се жени, но како такви се соочија повторно со низа стереотипи и притисоци од коишто ќе беа ослободени доколку беа мажи. Има ова општество уште многу да зрее на ова тема. Пред некое време разговаравме со една пријателка токму на темава – па видете ги само спомениците што ни никнаа низ градот. Сите се на мачо -мажјаци, се некои силни мажишта, коњаници, тепачи. Како не им текна еден споменик на една жена да стават? Ставија две шмизли и тоа доволно зборува за начинот на којшто се доживува жената. Добро, ја ставија и бремената Олимпија. И Олимпија доилка. И Олимпија млада мајка. Ама ја нема на пример никаде Олимпија претставено како кралица којашто наредувала и убиства само за да го обезбеди тронот на синот. Не дај боже да помислиме дека една жена, создадена да раѓа и крепи кралеви и самата имала активна политичка или општествена улога.