Незаборавна авантура среде урагани и земјотреси: Марга Сол за патувањето во Мексико и Доминиканска република

Добивај вести на Viber

Од Европа за Карибите летала за време на најголемите урагани во тие предели, а во Мексико се чекирала точно во моментот на најсилните земјотреси кои, за среќа, биле на 500 километри од местото каде што престојувала. Македонската авторка, продуцентка и диџејка со интернационална кариера во детали ни го прераскажа своето двонеделно уникатно патување на другата страна од светот   Создава музика која ја пуштаат реномирани светски диџеи, нејзиното име редовно го има на компилации кои се дистрибуираат на различни континенти, има сопствена издавачка куќа и редовно настапува на Ибица. Нашата авторка и продуцентка Марга Сол (Маргарита Сотировска) повеќе од една деценија е присутна на интернационалната сцена, а неодамна првпат ги посети Доминиканска република, Флорида и Мексико. Од Европа за Карибите летала за време на најголемите урагани во тие предели, а во Мексико се чекирала точно во моментот на насилните земјотреси кои, за среќа, биле 500 на километри од местото каде што престојувала. - Во септември отпатував на другата страна на светот за да стигнам во Пунта Кана (Доминиканска Република) на една од најубавите десет плажи во светот каде имав настапи. Летав точно во моментот на најголемите урагани во тие предели. Нашиот авион беше прв лет што го пуштија од Европа за Карибите после недели затворени аеродроми поради невремето што го зафати централна Америка. Диџеите кои биле планирани претходните две недели, беа откажани. Многумина оттука беа загрижени дали ќе стигнам безбедно и дали се ќе биде во ред таму. Секако, се беше во совршен ред. Ураганот ја одмина Доминикана, но ја зафати Доминика–открива Сотировска. Во Пунта Кана била дочекана на највисоко ниво, третирна како ВИП личност, со личен возач и екипа која, како што вели, се грижела таа и нејзините соработници да се чувствуваат што е можно поудобно. [caption id="attachment_6362" align="aligncenter" width="655"] Во Пунта Кана (Доминиканска Република) на една од најубавите десет плажи во светот[/caption] - Престојував една недела уживајќи максимално во услугата, третманот и тропската клима со прекрасни плажи. Забавите беа на врвно ниво (денска пена забава и вечерна пена глоу забава) со гости од цел свет. Позабавен народ од Доминиканскиот досега немам сретнато. Сите се постојано насмеани, играат и пеат. Едноставно во таа немаштија во која живеат умеат да ја најдат забавата и одлучуваат да се среќни. И кафето ни го носеа со танцување. Дури и собата ни ја презентираа со интерпретирање на латински забавни песни. На заминување, се спремаа за следниот ураган Марија, без трошка паника. Ги врзаа сите кровови со јажиња заради безбедност, поставија неколку вреќи и гостите ги префрлија на горните катови–раскажува нашата музичарка. Поради лошите временски услови незаборавна авантура ѝ бил и патот до Мајами. Со нејзините сопатници констатирале дека навистина имаат среќа кога аеродромот го пуштиле непосредно пред нивниот лет. - Кога пристигнавме имавме време да се прошетаме низ Мајами Бич и видовме дека изгледа како никогаш ништо да не се случило. Илјадници луѓе, раздвижени автомобили, полни музички клубови и ресторани, луѓе на велосипеди, трчаат, вежбаат, возат скирол и ролери. Се воодушевивме од тоа колку брзо ставиле сè во ред и секако сфативме дека сè се преувеличува на вестите кои ние ги следиме – нагласува таа. Марга нема високо мислење за Мајами. Според неа тоа е вештачки создадено место за богаташи кои сакаат да трошат многу пари на автомобили, пијалок и на ВИП сепариња во најпознатите клубови. - Мајами е Ибица во Америка, но исфорсирано и напумпано. Големи километарски плажи, силиконска долина, палми и бентлија. Имавме ризична ситуација кога нè забележиле тамошни „чудни“ фаци дека сме странци и нè следеа постојано каде се движиме. Рентавме велосипеди за да се изгубиме од нивен видик. По петнаесеттина минути забележавме еден од групата дека сè уште нè следи. Се пикнавме во ресторан во кој мора очигледно да оставиш поголем бакшиш од цената на храната што си ја нарачал. Ние оставивме помал секако, па лути скоро и нè избркаа. Но да, тоа е Мајами. Местото каде ќе платиш многу за да јадеш, пиеш во кафуле или ресторанче, каде ќе те следат манијакално, ќе те казнат со 3000 долари ако пиеш пиво на улица, но на секој чекор ќе ти нудат дрога – искрена е Марга. [caption id="attachment_6363" align="aligncenter" width="652"] Пена-забава во ексклузивниот ресорт „Бретлес“ во Мексико[/caption] Во моментот на најсилните земјотреси отпатувала на нејзината следна дестинација – Мексико. За среќа, била сместена на 500 километри од епицентарот, во Канкун Ривиера, според многумина бисерот на Мексико. И за тамошните домаќини има само пофални зборови. - Никогаш не сум почувствувала третман на толку високо ниво, со поздравување од сите вработени, пречекување со насмевка и секако многу позитивна енергија. Во ресортот во кој престојував имаше програма секој ден со диџеи, бендови, караоке-забави, латино танци, вечерни маскенбали, бела ноќ со музички теми од разни делови од светот. Имав два настапи и беа феноменални. Одбрав да настапувам денски на самата плажа, покрај огромен базен, палми, шарени коктели, феноменално озвучување, пена и многу убава енергија. Мои постери насекаде, а после забавата добивав подароци од некои од гостите во апартманот како благодарност за преубавото шоу. Тоа навистина ми остави впечаток. На кревет начекував чоколади во разни форми со пораки и со благодарници од некои од гостите – се присетува Сотировска. За време на престојот ги посетила и Тулум и Чичен Ица - градот на Маите, каде е сниман филмот „Апокалиптика“. - Сè уште сум под импресии од Стариот град на Маите, градбите, храмовите, пирамидите, арените и астролошките центри. Далечна историја, таму некаде среде џунгла. Феноменално искуство, тотален контраст на океанскиот мирис, палми и цвеќиња–раскажува таа. [caption id="attachment_6364" align="aligncenter" width="640"] Сè уште е под импресии од Чичен Ица, политички и културен центар на Маите, во моментов под заштита на УНЕСКО[/caption] Марга Сол лани потпиша договор со агенцијата „Енканта Музика“ од Мексико која ѝ отвори нов професионален пат и многу ексклузивни патувања. Како диџеј, но и како артист со своја музика во март наредната година повторно ќе гостува во Мексико и на Карибите, овојпат вклучувајќи ги и Колумбија и Јамајка. Во меѓувреме подготвува нов материјал и оствари соработка со големо музичко име од Турција. - По две недели патувања и летови по 18 часа, урагани, земјотреси, тропски овошја, папагали, океани, плажи, базени и палми се вратив во нашето Скопје. Можеби не ни ја бидува државата, ама секако има тука слобода, тука си свој со свои луѓе, на своја почва. Мојата девиза е „Освојувај го светот оттука ако можеш и живеј го својот филм“ – завршува Сотировска. За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов