Аманетот на Петре М. Андреевски: Пирејот на македонското творештво
Важи за еден од најпопуларните македонски поети и раскажувачи на сите времиња, драмски автор чии дела претставуваат вистински аманет за македонското творештво.
Петре М. Андреевски со секој збор вдахнува нов живописен свет, свет кој во читателот буди море од емоции, оние кои може да допрат до неговата душа и да го измијат со чиста мисла.
Андреевски во своето литературно творештво вбројува голем број стихозбирки, раскази, есеи и романи, но сепак оние кои посебно се издвојуваат се „Дениција“ и „Пиреј“.
Дениција е збирка поезија од 1968 година, која содржи 29 песни, сместени во три дела. Инспирација е љубовта кон жената – Дениција (име кое асоцира на ѕвездата Деница, на светлина, плодност, убавина), како и љубовта кон татковината, но и во сите други облици.
Љубовта како најчист облик и основен мотив, љубовта како движечка сила, преточена во родољубиво чувство, прострујува низ зборовите на Андреевски и буди чувство на копнеж со секој нов стих:
„Дениција доаѓаше од секаде, како дух што го пропуштаат и мртвите стражари, на сите момчиња да им се јавува во сонот.“
„Како што таа ми ја одземаше тежината,додека трчав кон неа,како што не можев да видам ништо освен неа,како што таа живееше додека јас умирав,како што и јас не знаев како би умрел,ако таа не се родеше.“
„Кога ја љубев Дениција, како да калемев светлина на мракот, како да топев снегови фатени во движење, како да станував единствен сведок за бакнежот меѓу металот и громот“
„Така ноќна невестулке, така неискажана капко капинко,така куршуме што мислиш на моето тело, а ја гаѓаш и погаѓаш само мојата душа.“
„Ни љубовта и омразата меѓу клучот и катанецот, ни притаената светлина во купениот кибрит;ништо не е повидливо од твојата трага пред мене и зад мене, со мене и во мен“
“Ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно од твоето отсуство“.
„Ти беше мојот Исток и мојот Величетврток, ти беше сè што му недостасуваше на светот“.
Еден од најчитаните романи на поновата македонска книжевна ера е „Пиреј“ за кого Андреевски на почетокот на книгата објаснува: „Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат и коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.“
Непокорливоста на македонскиот народ е всушност објаснета преку симболиката на пирејот, а дел од мудрите изреки кои може да се најдат во романот се:
„Некогаш не те сака Господ или намерно те остава за да се мачиш.“
„Лошото време го прават лошите луѓе.“
„Стравот е страшен само за оние што му се плашат.“
„Кога човек се плаши од пушка, тогаш пушката повеќе пука.“
„Болеста е голема кога имаш леб, а уште поголема кога немаш леб.“
„Јадење, ко секое јадење, ако го јадеш – се јаде.“
„Од болест не се бега и од смртта не се бега.“
„На селаните, среќата им е променлива, а несреќата постојана.“
„Пријателот ти е роднина кој самиот си го одбираш.“
„Трагата на ѓаволот не му ја гледаш, а пак по неа одиш.“
„Племето наше е пиреј и не го крши не една војска, ни една болест.“
Б.Н.