Ана Бунтеска: А во душава ми вее

Добивај вести на Viber

Припек фати, голем припек деновиве,

а на ќошињата од срцево мразулци се наредиле,

та ми е како кога ќе се поболиш сред лето,

дур ти ѕемни снагата на 40 под сенка

и мислиш оти сиот снег години наназад те покрил како јорган,

како кога те стуткувале на зима како дете,

небаре сите болести од замрзнат нос се добиваат.

Ете така ми е деновиве, на сиот припек надвор,

та ми иди да ги вперам зелениве стакла накај сонцето,

така со часови да седам, дур не ми се потпали душата, или дур не оќорам,

да фати жар, да разгори, да ми се стопли утробава,

како кога палевме хартивчиња кога бевме деца,

небаре очиве лупа се, па ќе завршат работа,

да ми згрее внатре, да не ми мириса здивот на зима.

Голем припек, голема жештина деновиве фати,

а надвор само стуткани сенки шетаат,

небаре се измешале меѓусебе, си ги заборавиле сопствениците,

та сега ни својата не можеш да ја најдеш во сиот метеж,

па со тек на време ќе се навикнеш на нечија туѓа,

ќе си ја заносиш, исто како твоја да е,

дури од жештината не се стопи, не испари на пладне.

А ете мене така некако ми е деновиве,

дури ниту сенка не ми треба, некако како одвишок ми е,

оти често дур одам си ја нагазувам, па ми доаѓа да и’ се извинам,

и дур да се завртам, веќе исчезнала некаде,

како и таа да бега од мене и мојата тежина во градиве,

та без неа продолжувам, без да ми се тегне второто “јас” по мене,

кое и онака не е мое, барем повеќе не го чувствувам така.

Голем, голем припек фати, голема жештина,

како сите на себе по едно разгорено огниште да носат,

та се потат, препотуваат, туфкаат и офкаат,

сонцето им пречи, а дождот уште повеќе,

а јас знам, ете за себе си знам, оти никогаш до сонцето не било,

ниту до дождот било, кога на ваков припек, на оваа жештина,

мене срцето ми мрзне, а во душата...во душата црвен снег ми вее.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска