Ана Бунтеска: А во срцево....во срцево мир, во срцево ТИ

Добивај вести на Viber

Се стокмив како невеста,

накитена со мисли од душава исткаени,

со прозирен лик и светнати очи,

се украсив со љубов во срцето

и мирис на чистота вметнат во косата.

Ете така, убаво се стокмив,

за себе и за тебе, убава да ти бидам,

да ми ги прочиташ стиховите испишани на телово,

да напишеш на него и неколку свои,

та заедно во тишина да ги вкусиме копнежите.

Ги украсив рацеве со нежни допири,

на врвовите од прстите сета топлина ја сместив,

за допирот лековит да ми биде,

за да можам молкум се’ преку нив да ти кажам,

за милоста да ми ја сетиш.

На вратот воздишки нанижав,

сите мои треперливи, од страст навезени зборови,

оние од кои утробата по тебе ме боли,

кои метастазираат и корења насекаде пуштаат,

небаре ми разгранува љубовта.

Се стокмив, се украсив со свежина од измиен ден,

сета обвиена во црвено и зелено,

во сите желби како новороденче искапена,

со глад и жед по твојата прегратка,

по мирисот твој, кој не го знам, а сепак го познавам.

И еве ме, накај тебе доаѓам,

во ноќта сенката со твојата ми се стопува,

во телово виор од твоите бакнежи,

на душава отпечаток од твоите дланки,

а во срцево, во срцево мир, во срцево ТИ.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Претходната песна на Ана ја имате ТУКА