Ана Бунтеска: Барам збор

Добивај вести на Viber

Сакам нов збор да најдам

некој кој досега никогаш

во песна не сум го ставила

само еден единствен збор

со кој цел свет на дланка ќе го зберам

и како дете срамежливо

со погледот в земја вперен

ќе ти го подарам

како сосем неважно да е

што во ритамот на тој збор срцето ми чука.

Сакам збор

и низ умов пребарувам

само еден единствен збор

со кој ќе можам с` да ти кажам

и со кој фермани повеќе не ќе пишувам

таков кој сета ЈАС

во сиот ТИ ќе се претопи

и нема да знаеш каде почнуваш

или каде јас на тебе се надоврзувам

и збунет ќе си дали имаме две тела со еден ум

и дали некој се поиграл со нас

та едно срце надве пресекол

и едното кај тебе чука

а другото кај мене пее.

Барам збор,

само еден и единствен,

со кој ќе знаеш дека душава по тебе квичи

и дека сите сокови за тебе ми течат,

збор со кој ќе ти речам

дека моето „своја“ не крвави

оти сакам и твоја да бидам.

Ете, таков збор ми треба

со кој сите други ќе избледат

кој ќе светне како жена што љуби

во преполна соба кога ќе влезе

и сите погледи на неа застануваат

не оти е најубавата

не оти е единствената на светот,

туку оти љубовта која со себе ја носи

сите на коленици ги фрла

и раздава,

раздава и преку поглед покорува.

Збор,

само еден збор низ себе барам

со кој те љубам ќе ти кажам

додека умирам

додека секој ден повторно се раѓам.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска