Ана Бунтеска: Без тебе ништо повеќе исто не е

Добивај вести на Viber

Без тебе ништо повеќе исто не е

Се обезбоија утрата 

Како во црно-бел филм осамнаа

Онемеа раскажувачите на приказни

Со кои заспивавме стутулени в кревет

Оглувеа сите песни 

Кои не стасавме да ги слушнеме

Од страв и срам

Од пуста горделивост која не’ препна

Без тебе ништо повеќе исто не е

Сите вкусови на љубовта

Станаа блуткави и рапави

Мирисите на нашите кожи

Избледеа како евтин парфем

Та си ги допирам рацете

Замислувајќи дека твоите се

И ништо не сеќавам под прстите

Како камен, како в земја да копам

Без тебе ништо повеќе исто не е

Останаа празни листови

Кои никако да ги испишам

И на крајот точка да ти ставам

Мастилото секна небаре бунар 

Исушен од летната жега

Секоја мисла ми почнува со тебе

А завршува во празно

Чиниш паѓа во амбис од тага

Без тебе ништо повеќе исто не е

Ниту некогаш ќе биде како што било

И не знам дали лошо е или добро

Што повеќе еден покрај друг не се будиме

Само знам дека тешко дишам

А уште потешко издишувам

И секој збор мачен ми е

Заглавен во грлото

Без ниет да те исплачам 

За да можам да те заборавам

И не знам

Ете признавам дека не знам

Не знам дали само треба време да помине 

Не знам дали треба да ден или век да изврви

Не знам дали треба од годината-милениум да сторам

И во него да ги потопам сите сеќавања

Сета смеа и радост

Сите воздишки и погледи

Не знам

Ништо повеќе не знам

Само знам дека исто повеќе не е

Дека без тебе ништо повеќе исто не е