Ана Бунтеска: Чинам оти не баравме многу
Чинам оти не баравме многу
Малку усул
Трошка добрина
Прстофат човечност
Едно чинивче почит
И чаша полна милост
Чинам
А можеби и се лажам
Дека во ова време се’ на претек има
Освен тоа што луѓе не’ прави
Та како побудалени сме
Секој секому сопка става
И зад туѓиот грб раката на готовс му е
За да турни некого во амбис
Та некако и жал ме фаќа
Оти од пуст лошотилак огрдевме
И во ништо убост не наоѓаме
Чинам
Чинам оти во ова невреме
За бидеме луѓе заборавивме
Та зборови сабји имаме
Јазици остри ко жилети
И раце в тупаници стиснати
А мене пусто мака ми е
Оти знам дека никаде не ќе дотуркаме
Оти сечиј пораз и наш е
И секоја победа нам со спокој ни се враќа
И не треба многу
Туку само срцата да ги отвориме
И сончев зрак во душите да пуштиме
За да ни се зачисти во главиме
Ветрот неубото да го однесе
И маглата да ни ја расчисти
Оти чинам
Ете така некако ми иди да си мислам
Дека уште за нас надеж има
И дека можеме од калта, бистра вода да сториме
За од неа и однатре и однадвор да се искапиме
И чоек со чоек да си се најдиме
Оти налет живот од кој живеачка нема
И слобода која роб на злото е
Налет се’
Налет ние
Налет лажна среќа
И налет одглумена добрина
Ако во беда душевна се отруеме
И децата така да живуркаат си ги научиме
Оти чинам
Чинам дека не баравме многу
Освен љубов
Освен убост
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска