Ана Бунтеска: До тој еден и единствен пат

Добивај вести на Viber

Ќе љубиш низ животот

Силно и со страст пулсирачка

Од која ќе ти иди да се поплукаш в пазуви

За да не си го бараш ѓаолот од многу среќа

И љубена ќе си

Ех, љубена низ животот ќе бидеш

Та ќе ти се чини оти некому стануваш

Почеток и крај, ден и ноќ, црно и бело

Ќе љубиш

И љубена ќе бидеш

Некојпат повеќе а некојпат помалку

Некојпат ќе боледуваш кратко

А некојпат деновите ќе ти бегаат во тага

Но знаеш оти секојпат на нозе ќе се дочекаш

И со главата угоре крената

Плеќите исправени и усните насмеани

И ќе тераш така до тој еден пат

До тој еден и единствен пат

После кој никојпат исто не ќе остани

До тој еден и единствен пат

Кога ќе знаеш оти нема веќе сета 

Во љубовта внесена да си 

Оти ќе ти недостасува парче ТИ

Кое ниту ќе успееш да си го вратиш

Ниту пак ќе сакаш да си го земиш назад

Без кое пак ќе живееш добро

И без кое колку и убаво да ти е

Никогаш повеќе не ќе бидеш иста

И ќе си тера часовникот

Денови, месеци и години ќе врват

И повторно ќе љубиш

И љубена повторно ќе си

Ама...

На сета радост сенка од тага ќе имаш

И на сета смеа окото ќе ти солзи

Оти ете...

Има некои такви љубови чудни

Кои се дар и клетва

Кои се збор меден и пцост

Кои се иљач и отров за душата

И од кои не се умира

Ама после кои и не се живее

Барем не онака како што било пред нив

Оти....

Ќе љубиш

И ќе те љубат

Со половина срце ќе љубиш

И ќе љубат половина жена

Оти после некои љубови

Никојпат, никојпат повеќе исто не е

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска