Ана Бунтеска: Џабе е
Џабе што за рака ме држиш
И што дланкава ми ја стискаш
До препотување и до бол
Како да ќе ме одвее ветрот
Како да ќе ме однесе матната
Џабе е драги мој што карши мене седиш
И што на маса од еден тањир сркаме
И од иста чаша вино црвено пиеме
Кога тука не си
Кога погледот низ мене ти врви
Џабе е
Џабе се и ноќите во кои во мене си
А како празна утробава да ми е
И гласот кој како твој да не е
Заедно со стисокот
Кој мене не ми припаѓа
Како некоја друга наместо мене
Да се обидува да одглуми среќа
Како некоја со која ист лик имаме
Ама различни копнежи не’ мачат
Џабе е
Колку е се’ џабе меѓу нас
И колку е се’ појдено во мајчината
Кога ниту ме гледаш
Ниту да ме видиш можеш
Кога љубовта моја крај тебе поминува
Без да ја препознаеш
Без закрила да и’ дадеш
Како да е странец кој првпат го гледаш
И кој ќе го заборавиш штом одмине
Џабе е
Колку и да не сакаш да признаеш
Колку и да не сакам да прифатам
Џабе останале зборови меѓу нас
Како лисја во есен паднати
Како зрели овошки на лето
Дур не изгнијат в земја
Та потем ми иди мисла
Оти можи од нив ново дрвце да порасни
Кревко на изглед ама силно
Кое ќе не’ врзи еден со друг
Со зборовите кои со убост сме си ги кажале
И со милоста во која сме ги тркалале
Како дечиња да ни се
Како оние кои после нас ќе останат
Ама џабе е
Пусто џабе е кога до тебе пат нема
А и јас веќе подостарев
И уморна сум за да те потсеќам
Дека тука сум
Твоја сум
Ете...џабе е, џабе е
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска