Ана Бунтеска: Ејгиди

Добивај вести на Viber

Ејгиди, моме лично,

со цвет в коси што цути,

на каде ли патот те води

што со брз чекор го врвиш

како времето скусено да ти е

и да иташ кон момче младо

кое со задржан здив те чека

за во коси да ти се надиши?

Ејгиди, моме убо,

пиле раскрилено в гради што носиш,

каде ли гласот твој ќе го вивнеш

та од песна планина да распука

и с` од твојот пој да занеми

ѓоамити светот ќе застани

а во него само грлото твое ќе трепери

како да ќе се родиш во нечија смрт?

Ејгиди, моме,

ти со заруменет лик што те гледам,

застани крај извор што шумоли

и од под окото солза извади

а со неа и ликот на оној што го љубиш

за во бистри води љубовта да ја замиеш

ко мајка рожбата в коритце ко ја капи

та водата ко в црква осветена од милост е.

Ејгиди, моме, ејгиди, среќо несреќна,

подмести го елекот со срма навезен

ко што на кожата негојот допир го везиш

и алтаните на вратот бел нареди ги

ко негојте бакнежи на душата што ти се редат

и косите распушти ги ко ветар во нив да носиш

та од него земјата угоре се крева

дур во неа покрај него не се распостелиш.

Ејгиди, љубов од љубов што се раѓа

и во неа дробно дете од твојата утроба се прпела

од семето негово и сокот твој создадено

со очи ѕвезди на лице бело

та една за тебе свети

а другата за оној кој до тебе стои

дур приспивна му пееш во ноќта

за љубов... ејгиди, љубов од пепелта ваша што се раѓа.

(Посветена на Александра Танурова Тасевска, која ме

инспирираше со предизвик за збор кој до создавањето на

оваа песна, го немав ставено во песна. Ти благодарам.)


За Женски Магазин, Ана Бунтеска