Ана Бунтеска: Ете така и мене срцево еден ден

Добивај вести на Viber

не дека сакам

ама знам од што ќе си умрам

и нема да е тоа спектакуларна смрт

или некоја невообичаена

околу која ќе се плетат приказни

ќе биде сосем обична

моја

и ќе оди еве вака

сите ноти на светов

отсвирени

и оние кои допрва ќе се свират

заедно со сите зборови

измислени

и оние кои допрва ќе се измислат

со сите насмевки

дарени

и оние кои допрва ќе се дарат

со сите допири

погалени лица

и оние кои допрва ќе ги галам

сета слуз

онаа која сум ја измешала со тебе

и онаа која допрва со тебе ќе ја спојам

сите зајдисонца

кои во очите ми се вгнездиле

а и оние кои допрва ќе ги пијам

со сета болка

која сум ја вкусила

и која допрва на мене чека

ете со сево ова еден ден

срцево ќе ми се наполни

како новогодишен балон

кој при дување мислиш

оти сиот воздух во него ќе го збере

та се шири

растегнува

дур не чуеш едно “пау”

и парчиња од него на сите страни се разлетуваат

ете така и мене срцево

еден ден пау ќе ми стори

и од него куп шаренила ќе истечат

на сите четири страни ќе се разлеат

во млазеви кои ниту еден дожд нема да ги избрише

за по нив да ме најдеш

на каде и да кинисаш

со срцето

по срцево мое распукано да ме најдеш



За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Фото, Стојан Стојановски