Ана Бунтеска: Ете, токму таква деновиве шетам
Облечена во црно до гуша
закопчана, строга
како ужалена, како од закоп дојдена
а со мисли голи како новороденчиња
уште пред првиот плач во овој живот
дур сеуште ги дишат спомените од претходниот
ете така деновиве шетам
обмотана во шал небаре среде зима сум
со пуштена коса
која пола лице ми го покрива
молчелива и бледа
секаде присутна
а толку многу отсутна
со очи вперени во празно
и отсјај во кој ти се назираш
ете токму таква деновиве шетам
како да не знам кај сум тргнала
или од каде на себе се враќам
ни ваму ни таму
ни со тебе ниту без тебе
а можеби само во место стојам
дур се’ околу мене патот си го тера
а јас заглавена меѓу зборови
чекорам меѓу среќата и тагата
растргната од сопственото тело
кое по тебе завива
кое боли на допир
кое е во црно обмотано
како црното да ќе ме заштити
како да има нешто помоќно од срцето
кое не познава “треба” и “мора”
кое само чувствува
мириса
вкусува
допира
и љуби...љуби...љуби
За Женски Магазин: Ана Бунтеска