Ана Бунтеска: Има луѓе од кои љубовта бега
има луѓе од кои љубовта бега
како дете од темница што се крие
како проколнати да се
како заразени од болест која не се лечи
таква осаменоста им е
таква осаменоста ни е
и бега
а тамам ќе помислиш дека в рака ти лежи
и дланките на гради ги ставаш
за да ти се впие во кожата
низ пори во душата да ти влезе
а таму ко море пресушено
живот нема
саде сол напластена
и наместо корали, грутки тага
и се помируваш низ годините
се учиш дека се’ можеш сам
дека не ти треба туѓа дланка за твоите да ги стопли
ниту туѓ здив со твојот да се меша
дека туѓото тело ќе ти донесе поголема празнина
и живееш така
сам
сама
со чувството за љубов кое бледнее
па ти треба се’ повеќе време да се потсетиш
да ти текне како било кога пилето пеело
и дека таа песна живот ти била
спас од кошмари
спас од себе
ама ете
бега пустата
како жал да и’ е дека ќе не можеш без неа
а повторно ќе мора да си оди
има
има луѓе од кои љубовта бега
како тебе
сам
како мене
сама
како нас
сами
и многу такви како нас
од кои бега
како да знае дека не ќа ја преживееме
и не’ остава сами...сами
За женски магазин, поетесата Ана Бунтеска