Ана Бунтеска: Има ноќи како оваа...како оваа

Има ноќи

кои гргорат

од шепотења

тивки ветувања

безобразни милувања

воздишки

и влажни бакнежи

полни модринки на вратот

невидливи траги

здивови во коса

неискажани зборови

ноќи полни аххххххх

допири по срцата

продирања

истурено вино на чаршафи

изгужвани перници

соништа во боја

љубовни загризи

коцки мраз по телата

и оган во очите

неизговорени прашања

проговорени желби

одговорени страсти

има ноќи

на две тела во едно споени

со мирис на препознавање

и вкус на малини

со небо полно облаци

и капки дожд на прстите

заби зариени во љубов

нокти забодени во кожа

и ветар во душите

има ноќи

во кои те наоѓам

и себе до тебе се барам

во кои заживувам

и на раб на умов стојам

во кои дишам

слободно и силно

како првпат да ми е

и има ноќи

проклети ноќи

како оваа...како оваа


За Женски Магазин, Ана Бунтеска

ФОТО: Стојан Стојановски