Ана Бунтеска: Имаме сѐ, само к’смет не
Имаме се’
И ти и јас се’ си имаме
Снага убава и стројна
На која облеката ко слеана стои
Платена и преплатена
За во неа да не’ закопаат
Ко ќе кинисаме на оној свет
Чунки на бендис ќе одиме
Ти и јас се’ си имаме
Алтани по џебовите
Чиниш магија некоја во нив се крие
Та прелеваат и одваму и оттаму
Крајот да не можеш да им го најдеш
Парфеми донесени од којзнае каде
Со мирис на дрво кое тука не расте
На кое едвај името му го изговараме
А кое никогаш род не дава
Се’...
Се’ си имаме ние двајца
Аздисавме од многу и премногу
Пиеме вода од стаклени шишиња
На кои странски букви има
И врвови од планини чудни
Јадеме храна која не ја разбираме
Еден касај во тањир голем
Која освен боја, мирис и вкус нема
Ти и јас радост моја таговна
Се’ си имаме
Освен к’смет за да си се имаме
Та не биле улави старите наши
Ко велеле дека чоек треба само к’смет да има
Ете толку треба за арно да му биди
Па дури и на буниште фрлен да е
Оти џабе и алтаните
Кои ко црна земја тежат
И пуст да е парфемот
Кој на празна душа мириса
Џабе сета глума во која се заборавивме
Та веќе не знаеме кои сме
Џабе сиот раскош кој беден е
И сета лага која ко азно свети
Кога ниту ти и ниту јас
К’смет немавме за заедно да бидеме
Во едно одајче со една чинија пред нас
Од исто место бел леб да макавме
Со сласт да се најадевме
А потем со страст во постела да си легневме
Со дупки по џебовите
И со души полни ко око на дете
Пред слаткарница дур стои
Оти сиромав е чоек љубов ако нема
Та пливал во пара, од пара ќе се удави
Ко тебе
Ко мене
Ко ти и јас се’ што имаме
Сем к’смет...сем живот
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска