Ана Бунтеска: Каде згрешивме, каде си погрешивме

Добивај вести на Viber

Дали низ умот некогаш

Дума за мене ти протрчува

Среќна како дете на сред ливада

Со очи полни сонце и скокотлива смеа

Или како бегство од дожд пороен

Од кој никогаш совеста не се измива

Не знам дали на мене се потсеќаш

Дал со песна во чиј ритам 

Телата еден кон друг ни итале

Та да те врати во она време

Во кое мирисите еден во друг

Како жигови си ги втиснавме

И како дуња мирисна

Вкусот еден за друг

Во душите ни остана

Дали ете некојпат

На мене помислуваш

И дали и тебе те мачат

Гревовите што си ги сторивме

И од премногу љубов

Рани пусти си отворивме

На кои само сол додаваме

И да жежи ја остававме

Насмеани во усните

Демек толку силни сме

А со очи полни солзи

За кои се преправавме

Дека од ветрот ни се

Старите велат, ете така рекле

Оти љубовта не боли

А ако боли љубов не е

Та ич не знам и ум немам

Дали мене љубовта за тебе ме болеше

Или онаа која ти за мене ја немаше

А ниту одговор ми треба

Ниту да знам сакам повеќе

Оти она што минало назад не се враќа

Ниту некој од нас може да го спречи

Она што се спрема да ни дојде

Кај тебе

И кај мене

Кај секој од нас сам по сам

Туку

Кажи ми дали некогаш помислуваш

Не на мене

Ниту на мирисот мој

Туку дали некојпат се сепнуваш

И дали во сон те измачува

Та и не мора на сон да е

Еве нека биде на јаве

Сосем случајно и без повод

Дали некогаш се прашуваш

Каде згрешивме

Каде си погрешивме

За Женски Магазин, Ана Бунтеска