Ана Бунтеска: како човек старее, поубаво љуби
Само да не ми ти изгори срцето пиле
Сѐ друго се крепи и сѐ врви
Си подвикнала
Ти подвикнал
Ами поминува к’о на кутриња
За миг се заборава к’о да не е речено
Ниту ти да замеруваш со денови
Ниту да дадеш тој да ти се мурти со саати
На смеа истерај го и толку од карачката
Дури и некојпат да не знаеш
Од лутина што да му правиш
Гризни си ја устата и сврти ја гла’та
Премолчи
Оти дур’ е жежок зборот
Отповеќе боли и лузни остава
Та ко’ ќе се излади
Тогај кажи му оти те чепнал по душата
Сѐ поминува
Ехеееее
Сиот бес и лутина ќе ги снема
Та со годините ќе омекнеш
А и тој помил ќе стане
И тогај речта к’о тазе локум ќе ви биде
И кафето наутро со мерак ќе го шмркате
Како стареј чоек пиле
Некако поубо љуби
Појќе себе се дава без страв
И убоста во давањето ја гледа
Во она да му напрај на тој до себе
Ете нему, убо да му биди
Како човек старее веќе знае
Знае оти нема уште многу пат пред себе
Па љуби со сета сила
И повторно така младоста ја живее
Така и ти пиле, еве така и ти правиш
Ама пази да не ми ти изгори срцето
Оти срце ко’ се поболува к’о да нема спас
Срце на овие години ко’ гори
И човекот јабана си оди
К’о пресечен таму кај градите
Онаму
Кај мекото и убавото
Кај што зборот извира
И песната кај што му цути
И гори
Гори дур’ не изгори
Дур'во пепел не се стори
Ама срцето човеково Феникс не е
Повторно од пепелта за да заживее
Затоа пиле умно да ми бидеш
Дај љубов и себе дај се
Не
Не мери и не сечи
Не
Не клавај на кантар и не се пазари
Не
Не барај исто тој до тебе да те љуби
Ама барај срцето да ти го чува
Да ти го гали и љуби к’о своето
Нежен да е и да знае како да му запее
Назад песна за да добие
Тоа да бараш чупче
Само тоа и само толку од него да бараш
И тоа не оти така ти се ќефнало
Или оти така ти се сака
Туку за да не прегориш
За да не изгориш
Срцето младо за да ми ти остане
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска