Ана Бунтеска: Како никогаш и да не било поинаку
Наближуваш
те чувствувам како доаѓаш
како тивко животно се прикрадуваш
и во вратов ми дишеш
со страст накај себе ме повлекуваш
и со рацете ме заковуваш.
Да те видам не можам
а те препознавам
по мирисот
по начинот на кој ме скротуваш
по гласот
со кој дека твоја сум ми кажуваш
додека процедуваш да не мрдам.
Стојам
пред тебе
мирувам како да не постојам
додека срцето во ушите ми баботи
и дур твоите раце испишуваат с`
што потоа на хартија ќе оставам.
Ти давам да ме покориш
и со себе да ме жигосаш
те оставам жената од мене да ја извадиш
онаа која за мажот во тебе ќе моли
и која ќе ита со тебе да се спои
како никогаш и да не било поинаку.
Наближуваш.
Дури и ветрот на тебе мириса
вдишувам дур матката не ме заболи
и дур прстите од стискање не ми побелат.
од чекање
низ ноќите во кои да заспијам не можам
и цела утроба ми се превртува
дур те чувствувам
како доаѓаш
како наближуваш
и дур душата и телото по тебе завиваат
како никогаш...
Како никогаш и да не било поинаку.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска