Ана Бунтеска: Ќе дојдев, ќе ти дојдев
Ќе дојдев
ќе ти дојдев со оваа луда
кратко истрижана глава
со мисли потопени во зелено
сета стокмена за окото да ти го заробам
во тенка свила обвиена
и исцртана насмевка.
Ќе дојдев или ќе ти дојдев
несвесна за сите погледи
кои во мене ќе беа вперени
и како ненаситна љубовница
лицето на твојата врата ќе го навалев
синкир можам срцето отаде да ти го чујам
и со раката ќе исцртав круг во воздухот
за да ја исполнам празнотијата.
Ќе ти дојдев
без мисла за мојот страв и срам
покорна, а своја
со душата во твоите дланки ставена
и за навек во нив оставена.
На зајдисонце ќе ти дојдев
и до изгрејсонцето твоја ќе бев
а помеѓу
помеѓу тие неколку часа
три животи ќе живеев
со алчност од која модринки на вратот ќе ти оставев
и песни на грбот со нокти ќе ти испишев
и којзнае колку сонца и месечини ќе минеа
во само неколку часа
во кои ќе умирав и ќе се раѓав
со тебе во мене
со себе во твојот здив изгубена.
38
Ана Бунтеска
И потем ќе заминев
горда блудница чиј чекор ќе одекнуваше
низ празните улици на заспаниот град
со главата угоре
намирисана со твојата засушена пот
со загризи од кои ќе треперев
и повторно денот сама ќе го врвев
оти мене пишано инаку не ми било
за некаде корени да пуштам
или пристаниште на срцево да најдам.
Без сон.
Без мисла.
Со оставено с` во четири ѕида
кои набрзо ќе беа исчистени од нашата страст.
Ќе дојдев
ќе ти дојдев
ама не го сторив тоа
за да можам и утредента да се сакам
во огледало да се гледам
и таму да ти шепнам
знаејќи дека ќе ме слушнеш...
Те љубам
Те љубам до небото... и никако назад.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска