Ана Бунтеска: Кога боите мирисаат

Добивај вести на Viber

На...

лушпа од портокал

исушена на разбаботена печка

трошки од циметни колачиња

на врвот од јазикот стопени

снежна, стаклена топка

со неоткриени шарени светови

засушена пот

меѓу згужвани чаршафи

влажни бакнежи

зачинети со чад од цигари

заруменети образи

истриени од твојот врат

лепливи прсти

со шумски мед по кожава 

коцки мраз

на вжештен папок и горлив здив

зелени џамлии

истркалани по твоето голо тело

црвени облаци

распослани на мојата перница

траги од загризи

со кои ме гоштеваш

и во врзоп ми оставаш

венец од виножитни бои во косата

на градиве љубовно црвена

со дланки ми размачкуваш

со нежно зелена

покорено рацеве ми ги држиш

со црната во зенициве продираш

внатре, до умот ми ровариш

во ноќно сина името ми го шепотиш

и срцево заситуваш

со бои ме премачкуваш

како платно

како живот ме обојуваш

шаренила на душава ми оставаш

а мене

вечерва

сите бои на тебе

на љубов ми мирисаат



За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски