Ана Бунтеска: Кога ќе остарам

Добивај вести на Viber

Кога ќе остарам, на некои 80 и кусур,

ќе седнам на земја со скрстени нозе,

со собрана коса, која ќе е уште црвена,

облечена во некој долг фустан со балетанки,

распослана со кутии наоколу и расфрлани спомени.

Со љубов сите сеќавања низ прсти ќе ги свртам,

ќе ги помирисам и погалам нежно и полека,

небаре на внуци низ коса им поминувам,

уште еднаш низ душава ќе ги провлечам,

за да ми останат таму, да ми омекнат градите.

Со дебел, црн фломастер на кутиите имиња ќе запишувам,

внимателно здиплени со треперлива рака во нив ќе ги легнувам,

како на дечиња заспани ќе им го вдишам здивот,

за да ми замириса срцето на младоста која одминала,

на онаа која само во очите ми останала.

Секоја кутија со посебна машна цврсто ќе ја врзам,

да не ми избегаат спомените, да не се загубат,

оти еден ден, некој преку нив само ќе ме познава,

по грст сеќавања и песни од утробава извадени,

оти само тоа после мене ќе остане да живее.

А тебе, тебе ќе те сместам во најмалата,

еднобојна и силно врзана, за тешко да се одврзи,

оти дел од спомените за тебе-онаму ќе однесам,

оти без тебе во себе и тој пат тежок ќе ми се види,

чунки лесно било душа да се испушти.

Ете, кога ќе остарам, на некои 80 и кусур,

пред да се простам, пред да заминам,

ќе си ја олеснам главава за сите мисли и спомени,

ќе се одморам, ќе здивнам без тежина, без борба,

спокојна и мирна, со мала, еднобојна кутија во рацете полна љубов.

За Женски Магазин, Ана Бунтеска