Ана Бунтеска: кој ли те, пиле, со љубов-нељубов храни?
Кој ли те толку среќно несреќна прави
Та очите ти светат к’о ѕвезди во нив да збираш
А под нив темни кругови к’о небо во квечерина
Кој ли те, пиле, со љубов и нељубов храни
Та од една страна душата ти пее к’о биљбиљ
А од друга страна молк ти се всадил во срцето
Кој ли те пои со нектар и отров од иста чаша
Та со секоја голтка или расцветуваш
Или околу усните побелуваш
Пиле
Кој умот ти го мати
И мирно да спиеш не ти дава
Та личиш ко со чекорот две педи над земја да си
Ама никако да летнеш
К’о синџири од тага удолу да те влечат
Како во жива песок да си
И колку повеќе преташ
Толку побрзо тонеш
Чупе уб’о
Кој ли те така совршено унесреќува
Та ниту за да останеш до него си
Ама ниту ти се дава да заминеш
И се смееш со тага во очите
Разговараш со молк во душата
Пееш со пелин во грлото
Ах бе душо
Оттаму кај што си кинисала тешко назад се враќа
Таму луѓето к’о свеќи се топат
Снагата им се тенчи
А пусто уба’и се!
Еве чудо да видиш
Сѐ поуба’и и поуба’и стануваат
К’о сопствената одлука да се уништат
Некоја уб’ост им дава
И како да ти речам оти таму сум била
И дека ништо арно не сум видела
Дека патот за назад е потежок од оној за таму
И дека не
Не се останува некаде оти си вљубена во љубовта
И не
Не се останува со чо’ек што не знае како да те љуби
Оти налет љубовта ако не знае како
Ами секој од нас ист не е
Ако не знае како да те љуби за да ти е уб’о
За умот и срцето мирни да ти се
Бегај пиле
Оти таму сум била
И освен црни сенки кои од срцето ти грабаат,
друго нема
Крени ја гла’та угоре
Симни ја тагата удолу
Пушти му ја раката
Оти твојата за во неговата не е
И замини
Дур’ можеш
Дур’ уште се крепиш
Подалеку од чоек кој наместо несовршено да те сака
Совршено несреќна ќе те прави
Пиле мое
Кој ли те само љуби така што болка ти носи
А ти ко млада вдо’ица со поглед кроток
Вечераш од болката без збор да речеш
И пиеш горчини демек од љубов
Кој ли те така во ликот смени
Та и мајка не те препознава
А и ти ко’ се гледаш к’о странец да пулиш
Пиле кротко
Пиле мило
Кој ли на срце со железни стапала ти стапнал
И кој ли на рацете наместо прстени окови ти реди
Пиле мое
За кого ли венееш
Наместо надвор пролетта да ја мирисаш?
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска