Ана Бунтеска: Кроце низ животот да врвиш
Никојпат не е се’ таман
Оти секакви деној и ноќи идат
Времиња кои се мед и млеко
Невремиња кои болат ко камшик
Оти така секому пишано е
Угоре да оди
Та потем удолу да паѓа
Чунки од едното учиш
А од другото растиш
Не е
Знам дека никојпат не е
Ич не е онака како што сака чоек да му е
И еднаш животот го славиш
Со сите адети стокмени
Ко за ново чедо в куќа ко ќе се роди
Другпат клетви му маваш
Ко најголем душман да ти е
Та неќиш со очи да во видиш
Ама паметам оти мудрите велат
Дека што и да е и како и да биди
Низ животот не се протрчува
Без усул и ко улав да си
Туку се чекори сигурно и силно
Со цела нога на земја
А земјата тежината да ти ја сети
Печат на патот свој да оставиш
Името да ти се памти
Презимето да ти се слави
Та среќлија да си за да му се смееш
И убај луѓе околу себе да збериш
Душата полна милост да ти биди
Како ковчеже алтани кои светат
И со насмев да си легниш ноќе
А утрото со насмев да го дочекаш
И кроце
Кроце и покроце низ животот да одиш
Да не се трошиш
Да не се истрошиш
Да не си ја срониш душичката
И да не си го распарчиш срцето
Оти знае тој долг да е
Толку долг што не го бива
Ако низ него кинисаш како пола чоек да си
Кроце
Кроце и покроце со него да се сладиш
Како од љубов стокмен да е
Како со љубов послан да е
Како во љубов во него да се родиш
И со љубов кон него да си заминиш
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска