Ана Бунтеска: Купи ден
Купи ден-помини
Како вчера да не постои
А утре нема да осамни
Ете, само денес да се изврви
Купи го денов, токму овој
За една рака ситни пари
Кои ти стојат во преградата до воланот
Дур бесцелно се возиш низ градот кој го знаеш
А одамна не го познаваш
Купи ден
Купи и за мене (е)ден
Иако знам дека ќе ме чини повеќе од оној претходно
Со плитко и забрзано дишење
Како да не можам да се изнаголтам воздух
За сите ситни парички кои ги стискам во раката
Купи ден
И помини го
Стани изутрина
Одлепи го телото од сопствената сенка
Натопи ја во када со топла вода
И стави ја на закачалка да се суши
За да не се згужва премногу
Остави ја дома
Нека одмори малку
И онака на сонцето ги има премногу
А твојата чувствителна е кога ја газат
Купи ден
И имај храброст да го поминеш
Да зборуваш како навиен
А да не паметиш што си кажал
Да се смееш на шеги кои не ги слушаш
А кои се стари и изветвени
Да пикаш храна во стомакот
Само затоа што цревата ти завиваат како пес во зима
И да пиеш 3 литри вода (во три шишиња од по 1 литар)
Затоа што докторот во една емисија така рекол
Купи го проклетиов ден
И помини го
А можеби еден ден ќе имаме и двајцата храброст
Сите парички да ги фрлиме низ ветар
И да видиме дали нов ден ќе дојде
Без да го броиме кусурот од нечија испотена дланка
И без да се пазариме со сами себе
За да одживееме уште еден празен ден
Оти нема азно кое мирот ќе ти го купи
И насмевката ќе ти ја врати
А најмалку да ти донесе ден
Од оние убавите во кој наместо железни парички
Мојата рака ќе ја држиш
Купи ден...ден за слобода
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Фото: Стојан Стојановски