Ана Бунтеска: Љубов

Добивај вести на Viber

Нема љубов без питомост во погледот

Од кој медовина ќе извира

Ниту ја има ако си со нос кренат

Синкир небото можеш да го допреш

Нема љубов со празно надмудрување полна

Во кое ниту еден победник ќе биде

Ниту пак ќе ја има ако зборот сабја ти е

Со која душата некому парампарче ќе ја сториш

Нема љубов меѓу двајца

Ако еден во друг не се огледуваат

И ако мислата погана им е

Та инаетот поважен од неа е

И во ноќта еден на друг грб си вртат

Чунки море меѓу нив треба да се преплива

Нема љубов

Ниту некојпат љубов ќе има

Ако кога искри летаат

И небото над нив црно станува

Еден не направи чекор наназад

И кротко другиот не го потсети

Оти и тоа ќе помини

И оти деној убај ќе дојдат

Па рака да пружи без на кантар да става

Дал прв бил или можеби будала е

Оти во љубовта и двајцата мудри се

Оти во љубовта и двајцата будали се

Нема љубов со стиснати усни

Нема љубов со намуртено чело

Нема љубов ако тој до себе не го есапиш

И нема љубов ако суетата поважна од неа ти е

Та да може човек на дикат да има

Ете

Кога времиња лоши ќе дојдат

Да памти и да не заборави

Дека колку и лут да е

Тој што го одбрал, тој судба му е

И некако начин да најде

Со кој нема со камшик по љубовта да мава

Оти пустата кревка е 

И кршлива во својата убост

Иста ко чоек е и таа

Ако ја љубиш, со нежност ќе ти врати

Ако ја галиш, со страст во тебе ќе се пикни.

Ама ако ја туркаш и газиш

Не ќе издржи долго

И еден ден ќе си замини без да заврти

И без збор да изусти

Оти нема љубов со грубост

Оти нема љубов без милост

Оти нема љубов без љубов во неа


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска