Ана Бунтеска: „Љубов се вика тоа пиле...љубов”
“Никој за сам не е чедо
да имаш со кого збор да кажеш
да помилуваш
да се скараш
насмееш
парче леб, вода
еве, дури и солза да поделиш”
така баба ми ми велеше
оној, последниот пат
кога отидов да ја видам
легната в постела
дур со сува и топла дланка
по косата ми минуваше
со тага во гласот
небаре знаеше
небаре болката ми ја сети
ете, сега сакам тука да е
главава во скутот да и’ ја ставам
како кога бев дете
да го вдишам мирисот нејзин
да можам да и’ зборувам
за тебе да и’ кажам
дека не те познавам
а сум ти дала зборови
колку себе што не сум можела да си дадам
дека лута сум ти што те нема
а зад лутината има само бол
од што ми недостасуваш
од што себе си недостасувам
таква полна живот ко што бев
со будалеста насмевка
од оние заради кои си им смешен на сите
која чекорот ти го прави лесен
ликот светнат
очите побистри
ми недостасуваш за да си бидам убава сама на себе
ете, сето тоа сакам да и’ го кажам
оти знам дека ќе ми го шепне токму тоа што треба
тоа што мене во главата ми звони секое утро наместо аларм
“љубов се вика тоа пиле...љубов”.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска