Ана Бунтеска: Меѓу белата и црната, во сите нијанси на сиво

Добивај вести на Viber

Сакам да се разбудам во утро без бои,

во свет во кој само црно и бело има,

без блескавото сино што свети во твоето око,

аловото црвено на работ од жилетот,

раскошното зелено што гребе во левава ноздрва,

заводливото виолетово во мојот чекор кон тебе што тлее,

насмеаното жолто дур се кријам зад големи очила.

Сите бои да ги снема во ноќите сакам,

да избледат како во машина за перење пикнати,

на вриење, низ центрифуга поминати,

да се измешаат, да им се избуричка во умот,

па црвената да се однесува небаре жолта е,

а сината да се смести во нечие друго око,

ете така сакам едно утро ко ќе станам да биде.

Да не мислам повеќе дал оваа нијанса на црвено ми стои,

ниту дали болката во очи прозирно зелено ми свети,

да намачкам богат слој црн кармин на усниве,

да се облечам сета во црно, небаре вдовица сум,

да зачекорам во денот како да почнувам партија шах,

со бели мисли во главава и црни облаци над неа,

гледајќи во небото, без да ми фали синото во него.

Некако...ете, деновиве само тоа ми треба,

од боите кои ме потсетуваат на детството да избегам,

од оние со кои тебе те боев да се ослободам,

да ги прескокнам сите кои ми ја бркаат тишината,

оти освен белата и црната, останатите ми се гласни,

бараат да играш со нив, да им пееш и насмевки да им делиш,

бараат жив да си, тука да си, човек да си.

Ете така сакам, кога ќе се разбудам да е црно-бело се’,

еднолично и тивко, тивко како во затворен ковчег,

да ми одмори душава, да ми се спастри ко што ми беше,

во матката да ми изрти плод од црни мисли и бели солзи,

да излезе од мене со сите сеќавања за боите што ги имав,

небаре така во себе ќе те убијам, небаре така нема да те најдам

меѓу белата и црната каде што спиеш, во сите нијанси на сиво.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска