Ана Бунтеска: Месо од твоето месо
Повторно си жив
ми се враќаш во кошмари
неканет
како привидение
кое без воздух ме остава
и назад ме носи
со сиот бол кој умот ми го јаде
со рацете замотани со жици
кои затегаат до коска
до солзи со кои жиците ги подмачкувам
за да ти отсвирам с` што не сум стасала
и она што никогаш не си сакал да го чуеш.
Јас
месо – од твоето месо
крв – од твојата крв.
Ти
семе – од кое ’рти мојата виолина
и бездушен чекор кој ме гази.
Голтам воздух
гладно како душава детска по твојата рака
која никогаш не ме погалила.
Ти, мојот бол
сведок на немоќта која чекорот ми го сопнува
и со колена издраскани повторно ти се враќам
барем во кошмарот чедо да ти бидам.
Ти
сенката на мојата младост
искината жица која ми прснува во око
и која засек остава во моето утре.
Ти
те повикувам за да те истерам
за никогаш повеќе да не ми се вратиш
да испариш со здивот на разулавена кафеана.
Ти
мојот творец
распнувач
мојот... татичко.