Ана Бунтеска: Ми чкрипи во главата

Добивај вести на Viber

Ми чкрипи во главата

слушам

не е мелодија,

само едноличен звук

кој ми ги распорува ушите

толку силен и здодевен

што не можам ниту да говорам со луѓето.

Се напрегам

од усните им читам

и збунето кимам со главата

небаре разбирам што ми зборуваат

или, пак, само будалесто им се смешкам.

Сега се плашам надвор да излегувам,

седам во темнина

а проклетиов звук никако да престане

ја клацкам главата лево-десно

потем горе-долу

ја вртам како да ќе најдам некоја положба

на олеснувачка тишина која ќе ме смири.

Деновите ми минуваат

почнувам наглас да зборувам сама со себе

да рецитирам и да пеам

и чудно,

ама звукот убаво ми се вклопува.

Сега само кревам раменици

малку наглува ама мирна

демек слушам

ама само онака како што ми чини.

Единствено ноќите ме болат

оти да спијам не можам

па бројам минути

раскажани приказни и тажни стихови.

Ми чкрипи во главата

како черепот да ми е тесен

ме притиска однатре тој едноличен звук

преполн со ехо и безумност

со кој не знам што ќе се случи кога мене ќе ме нема:

можеби ќе најде нов дом

или нова луда глава

а можеби и ќе ме чека

до моето следно симнување од возот.


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска