Ана Бунтеска: Ми шеташ низ умот
Ми шеташ низ умов
Како низ непознат град
Кој сега почнуваш да го откриваш
И во секое ќоше ми се пикаш
Ѕиркаш дури и онаму каде што пишува “стоп”
Каде што имам црвени ленти ставено
Со леснотија ги прерипуваш
Дури и се смешкаш на мојата наивност
Дека тие препреки можат да те сопрат
Или чекорот да ти го забават
И не ми се плашиш кога се муртам
Кога како дете усните од гнев ги стискам
Или кога врескам од што немоќна сум да те спречам
Туку ете
Смирено ми шеташ низ умот
Без брзање и без мапа
Како на место кое го познаваш
Од некој дамнешен, претходен живот
Во кој (за среќа или жал) не сме се сретнале
Сигурен во чекорот
Со лекост во одот
И некојпат
Ете некојпат
Од тебе не можам ниту да подголтнам
Оти срцево ми прескокнува
А чука во ритам кој едвај го издржувам
Та те намирисувам
Зад сите мириси кои некој некогаш ги оставил во мене
Твојот знам да го уловам
Како мој да бил отсекогаш
Иако знам дека во оваа приказна
Те оставам ти ловецот да бидеш
Без да мрчам
И без да се натегам кој од нас двајца поголем маж е
Ми шеташ низ умот
И телото ми го запоседнуваш
Во утробава лежиште си правиш
Низ матката ми ровариш
И ме потсеќаш како жена повторно да бидам
Удобен во својата самоувереност
И уверен во мојата желба по тебе
Мислите ми ги гледаш
И упорно само ми се смешкаш
Оставајќи снагата да ме дроби
И низ денот да те мислам
Додека ти драги мој
Низ умов ми се шеташ
Полека
Нежно
Полека и нежно
За Женски Магазин, Ана Бунтеска