Ана Бунтеска: Многу чудно пиле ова моево
А го спастрив, не дека не
Кафез од коски му направив
Личен, ко за чоек дом да спремав
Од ребрата куќа му стокмив
И сериозно
(ко шо ми доликува на годините)
Му реков мирно да седи
Нека пеј
Ама аздис да не ми прај
На сигурно и тоа и јас да сме
Чудно пиле
Многу чудно пиле ова моево
Ко шуто само в очи ме гледаше
Ко да знаеше, ко да разбра
Демек срцето разумот го разбира
И ич не претна ко го затворив
Ниту намуртено ме опули
Само што оттогаш глас не пушти
Та некојпат и заборавав оти во мене е
Дури и дека некогаш постоело
Дека небото од гласот негов треперело
Чудно пиле
Кутро чудно пиле
Живо, а закопано
Оти и нему жал за мене му било
И ете решило оти ќе ме остај на раат да подишам
Чунки животот во вдишување и издишување е
Та пикни храна во себе
Тури вода во стомакот
И од спомени живеј!
Ама пусто таквиот живот ко казна е
Ко робија во која сам ланци си врзуваш
И стегаш
Стегаш ко месото твое да не е
Ко да не те боли кога кожата ти напукнува
Кога душата ти помодрува
Од ударите кои сам себе си ги нанесуваш
И еден ден пред очи светот ти пука
Рацете во себе ги пикаш
Повторно ко телото твое да не е
И колку појќе те боли
Толку појќе уживаш
И кршиш
Коските една по една си ги кршиш
И прошка бараш од пилето твое
Та во себе се молиш
Да не заборавило да лета
И гласот јабана да не му ошол
Кршиш и со свиен опаш леко по крилцата го галиш
Дур пазиш
Ко својот живот да го пазиш
Да не му ги скршиш дур надвор го вадиш
Оти после дал внатре седело
Или на слобода си го пуштил
Никојпат не ќе летни
Чудно пиле
Во секој од нас по едно такво лежи
Безгласно и трпеливо чека
Да се осмелиме да дишеме
Да љубиме
Да живееме
За Женски Магазин, Ана Бунтеска